Четири подрачни училишта во општина Делчево привремено ќе престанат со работа поради драстичното намалување на бројот на ученици и високите трошоци за нивно одржување. Одлуката беше изгласана на 15-та седница на Советот на Општина Делчево, по спроведената постапка за оптимизација на училишната мрежа.
Станува збор за подрачните училишта во селата Габрово, Ѕвегор, Стамер и Вирче. Општинскиот советник за образование Ванчо Новоселски објасни дека одлуката е донесена по детални анализи на бројот на ученици, финансиските импликации и по консултации со родителите.
„Причината е драстичното намалување на учениците во подрачните училишта, но и финансиската импликација“, образложи Новоселски, додавајќи дека годишните трошоци за струја, плати, вода и огрев за овие четири училишта достигнуваат околу 10 милиони денари.
Според Новоселски, дополнителен показател е и односот наставник-ученик. Додека просекот на национално ниво е еден наставник на 17 ученици, во Делчево тој однос е значително понеповолен, со тенденција на натамошно намалување на бројот на учениците во подрачните училишта.
Како пример го посочи училиштето во Ѕвегор, каде што од четири ученици, три веќе се запишуваат во централното училиште, а во дел од подрачните училишта се формираат комбинирани паралелки со само неколку деца.
На одлуката ѝ претходел план за оптимизација изготвен од општинска работна група. По одржаните состаноци, сите родители од Габрово и Ѕвегор се согласиле децата да го продолжат образованието во централното основно училиште „Ванчо Прке“, додека за учениците од Вирче се договорени решенија согласно нивниот избор, вклучително и префрлање во „Св. Климент Охридски“.
Новоселски нагласи дека станува збор за привремен престанок со работа. Министерството за образование и наука веќе даде согласност за привремен престанок со работа на подрачните училишта во Габрово и Ѕвегор при ООУ „Ванчо Прќе“, како и на училиштата во Стамер и Вирче при ООУ „Св. Климент Охридски“.
Доколку во иднина се создадат услови и се зголеми бројот на ученици, тие повторно би можеле да започнат со работа. Објектите нема да останат неискористени – се разгледува можноста грижата за нив да ја преземат месните заедници или невладини организации за активности од општ интерес.
Во однос на наставниот кадар, на советнички прашања беше појаснето дека наставниците ангажирани на неопределено време ќе бидат задржани, додека договорите на оние на определено време нема да бидат продолжени доколку нема услови за нивен ангажман.






