Градоначалникот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски, денеска оствари значајна средба со претседателот на Федерација на европски карневалски градови (FECC), Ларс Алгел од Шведска, како и со потпретседателот Александар Цицимов.

На средбата се разговараше за стратешкото позиционирање на Прилеп како важна карневалска дестинација во Европа, со посебен акцент на унапредување на меѓународната соработка и видливост на прилепските културни манифестации.

Во фокусот на разговорите беа и подготовките за Карневал „Прочка 2026“, кој има за цел да се подигне на уште повисоко меѓународно ниво. Плановите вклучуваат поголем број учесници од странство, збогатена програма и зголемена туристичка атрактивност за прилепчани и за гостите од земјата и странство.

Од Општина Прилеп истакнуваат дека градот, со својата автентична традиција, дух и енергија, има потенцијал да биде препознаен како значаен центар на карневалот, културата и туризмот во регионот и пошироко.








