Умут Скопко, кандидат за советник во Општина Виница, од партијата Демократски сили на Ромите, која, пак, е дел од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ беше физичкиот напад во текот на вчерашниот ден во Виница и сè уште е во кома на Ургентниот центар во комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.
Инцидентот, како што потврди и министерството за внатрешни работи (МВР), се случил вчера околу пладне, пред угостителски објект во Виница.
„Вчера во 18:20 часот во Виница, полициски службеници од ОВР Виница го лишија од слобода Д.М.(37) од Виница. Имено, по преземени мерки, утврдено е дека околу 11:25 часот пред угостителски објект во Виница, по претходна расправија, настанала физичка пресметка помеѓу Д.М. и И.С.(40) од Виница. Притоа, И.С. се здобил со тешки телесни повреди и по укажаната помош во болницата во Кочани бил пренесен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ за понатамошно лекување“, соопшти МВР.
Роднини на Скопко тврдат дека нападот, на кој му претходела вербална расправија, го извршиле негови сопартијци, во обид да го притиснат да се откаже од трката за советник во локалната самоуправа.
Полицијата го приведе напаѓачот, изврши увид и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.








