домаМакедонија„Мажи во црно“ во потрага по должници на брзи кредити

„Мажи во црно“ во потрага по должници на брзи кредити

- Advertisement -spot_img

Без никаква законска основа, „истерувачи на долгови“ одат од врата на врата кај граѓани за да ги наплатат брзите кредити кои ги зеле. Се користат заплашувања и закани. Две години по објавувањето на истражувачкиот документарен филм „Украдени животи“ на ИРЛ, на пазарот на „брзи пари“ сѐ уште има измамнички практики, скриени трошоци и незаконитости на кои ИРЛ веќе укажа. И покрај политичките ветувања на актуелната влада засега нема ништо од најавената суштинска законска реформа што ќе обезбеди подобра заштита на граѓаните при земањето брзи кредити.

Пишува: Александар Јанев

Додека тој бил на пат зад воланот на камионот со кој го издржува семејството, кон крајот на минатиот месец во дворот на неговиот дом влегле двајца мажи кои никој во куќата не ги познавал. Дошле по него.

Но, бидејќи тој не бил дома, ги пречекала мајка му, 63-годишна жена која штотуку се вратила од работа.

Непознатите мажите ѝ објасниле дека се дојдени да наплатат долг. Станувало збор за брз кредит што нејзиниот син го подигнал минатата година од едно од најголемите финансиски друштва во земјава. Биле позајмени 60 илјади денари, нешто помалку од илјада евра.

До денот на посетата, тврди тој, веќе вратил 67 илјади денари, но останало уште за наплата. Нашиот соговорник има 32 години и побара да остане анонимен. Не се плаши од луѓето што му дошле на прагот колку од стигмата во јавноста дека се задолжил во продавница за брзи пари.

Според неговото сведоштво, двајцата мажи не се претставиле и не покажале никаква легитимација кои се, каде работат и во чие име наплатуваат долгови. Не го побарале ниту по телефон за да разговараат со него.

Наместо тоа, притисокот го насочиле кон жената пред нив, која не била страна во договорот и чиј потпис не стои на веќе земениот брз кредит.

„Ја вознемирувале мајка ми. Ѝ се заканувале дека ако не ги даде парите веднаш, никој нема да може да ја спаси од извршителите“, ни раскажа 32 годишниот камионџија.

Заканата имала ефект. Исплашена од двајцата мажи, мајката отишла до најблискиот банкомат. Подигнала 20 илјади денари и им ги предала. Ѝ дале некаква уплатница. Но, на неа не го пишувало нејзиното име, туку името на синот, како тој лично да ја извршил уплатата.

„Изнуда. Ова е класична изнуда“, вели нашиот соговорник кога ни го објасни пристапот што го имале двајцата мажи кон мајка му.

Веќе следниот ден истите двајца повторно се појавиле и повторно побарале пари. Овојпат на ред била неговата сопруга. Сумата била иста – да им даде уште 20 илјади денари.

Своето сведоштво нашиот соговорник го поткрепи со видеоснимка, која редакцијата нема да ја објави поради заштита на неговиот идентитет. Случајот го пријавил во повеќе институции, а од Министерството за внатрешни работи (МВР) добил писмен одговор дека постапуваат по неговата пријава.

Криминалци и обезбедувачи заплашуваат должници

Ова е приказна на само еден од десетиците сведоци кои се одзваа на јавниот повик на ИРЛ граѓани да ги споделат своите искуства со теренската наплата на брзите кредити.

Тие раскажуваат дека финансиските друштва користат секакви методи за да ги наплатат дадените пари. Прво доаѓаат писмени опомени што патем се наплатуваат, па телефонски повици што не престануваат сѐ додека некој не дојде на домашна адреса.

Друг сведок со кого разговаравме тврди дека наплатувачи дошле во неговиот дом и барале да им предаде апарати за домаќинство како надомест за долгот. Според неговото кажување, во текот на посетата му се заканувале и со затвор.

Ни се обратија и повеќе родители кои ги враќале долговите на своите деца. Една мајка раскажа дека нејзиниот син, кој имал плата од 20 илјади денари, зел кредит од 140 илјади денари, а требало да врати 240 илјади.

Кога почнал да доцни со отплатата, од друштвото ја барале неа, со закани дека ќе дојдат на нејзиното работно место да разговараат со работодавачот и оти дома ќе ѝ испратат извршител кој ќе ѝ конфискува сè.

„Ве заплашуваат дека ќе ве засрамат пред колегите или работодавачот за итно да извлечат пари од вас“, ни раскажа жената.

Граѓаните кои имале вакво искуство велат дека луѓето што доаѓаат на врата понекогаш за себе велат дека се претставници на агенции за наплата на долгови, а не на финансиските друштва. Дел од нив ги препознале овие наплатувачи на долгови како обезбедувачи на објекти, а некои наводно биле и осудувани криминалци.

Според сведоштвата до ИРЛ, овие лица не си заминувале од имотот на должникот сè додека не наплатат барем дел од долгот.

„Дај ми колку имаш, две, три, пет илјади, не заминуваме ако не ни дадеш нешто“, му рекол „истерувач на долгови“ на еден од нашите сведоци.

Случаите се разликувале по детали, но неколку елементи се повторувале секаде.

Долгот е обврска, но не и дозвола за заплашување

Некои граѓани ги пријавиле ваквите случаи во Министерството за финансии (МФ) и во Министерството за внатрешни работи (МВР).

Од Финансии ни одговорија дека ваквите пријави ги препраќаат во МВР.

Оттаму, пак, на прашањата на ИРЛ посочија дека од почетокот на минатата година до денот на одговорот биле пријавени 14 настани поврзани со вознемирување, заплашување, закани, присилна наплата, неовластено собирање пари или други злоупотреби од финансиски друштва или агенции за наплата на побарувања.

„Во врска со осум од настаните изготвени се записници за прием на кривични пријави, за два настани во кои нема елементи за гонење по службена должност изготвен е службен материјал, еден настан е реализиран како кривично дело кое се гони по приватна тужба, додека во еден настан изречено е усно предупредување. Годинава пријавени се два настани на подрачје на Куманово и во тек се активности за нивно расчистување“, одговорија од МВР.

Од Групацијата на небанкарски финансиски друштва ни одговорија дека комората не оправдува закани, заплашувања или недозволени притисоци врз граѓаните.

„Треба да се направи разлика помеѓу законска комуникација за наплата на долг и незаконско постапување. Финансиските друштва немаат овластување самостојно да одземаат покуќнина или имот на должниците“, пишува во одговорот од Групацијата до ИРЛ.

Оттаму бараат граѓаните да ги достават негативните искуства и конкретно да наведат кое финансиско друштво постапувало неетично и незаконски.

„Подготвени сме да ги разгледаме конкретните пријави и докази со цел да се утврдат фактите и да се преземат соодветни мерки“, ни посочија од Групацијата на небанкарски финансиски друштва.

Согласноста за посети дома е во договорите

Законот за финансиски друштва не предвидува никакви правила во врска со наплатата на побарувањата. Сепак, финансиските друштва имаат право да им одат на должниците на домашна адреса согласно договорите за кредити што ги склучуваат со граѓаните.

Во договорните услови што ги разгледавме кај дел од договорите што ни ги доставија граѓаните има клаузула со која клиентот однапред се согласува да биде посетуван на домашната или на адреса каде што работи.

„Со склучувањето на Договорот, Корисникот на кредитот безусловно и неотповикливо ја дава својата согласност да биде посетуван на службената и домашната адреса од претставник на финансиското друштво, со цел наплата на доспеаните побарувања по основ на Договорот за кредит“, стои во документот.

Истата клаузула се однесува и на СМС-пораките поврзани со евентуално неисполнување на обврските.

Според правниците што ги консултиравме, проблемот е во тоа што финансиските друштва преку однапред подготвена договорна клаузула се обидуваат да обезбедат поширока согласност за наплата отколку што може да имаат според законите.

Според нив, согласноста за посета не е исто што и неограничено право да вршат притисок, да бараат пари од неговите блиски или да одземаат предмети од домаќинството.

Член 5 од Закон за облигазиони односи
Но, има и такви договори каде што воопшто не постои член со кој граѓаните даваат согласност за посета на домашна адреса или на работа, а сепак се соочиле со такво искуство.

Европската директива за кредитни сервисери и купувачи на нефункционални кредити предвидува забрана за вознемирување и заплашување.

ДИРЕКТИВА (ЕУ) 2021/2167 НА ЕВРОПСКИОТ ПАРЛАМЕНТ И НА СОВЕТОТ од 24 ноември 2021 година за кредитни сервисери и купувачи на кредити и за изменување на директивите 2008/48/ЕЗ и 2014/17/ЕУ
Членот 10 вели дека купувачите и сервисерите мора да постапуваат чесно и професионално, да ја почитуваат приватноста на должниците и да не користат вознемирување, принуда или несоодветно влијание при наплатата.

Реклами ветуваат лесни пари, пазарот брзо расте

На телевизија и радио постојано фрчат реклами за „брзи“ кредити. Финансиските друштва водат агресивна кампања за привлекување нови клиенти, користејќи пораки како „нула проценти камата“ или „колку земаш, толку враќаш“ како мамец за граѓаните.

Зад привлечните рекламни пораки стои пазар што забрзано расте со сè поголем број граѓани кои се задолжуваат преку овие друштва.

Нула камата не значи нула трошок
Честопати на рекламите за брзи кредити ќе видите дека тие се одобруваат со нула проценти камата. Суштината е дека каматата може навистина да биде нула, меѓутоа, трошокот за кредитот ќе биде многу поголем затоа што друштвата наплатуваат дополнителни трошоци и провизии како во овој пример што ни го испрати еден од граѓаните што се обратија до ИРЛ.

Последните податоци што ги добивме од Министерството за финансии покажуваат дека до средината на годинава имало 263.423 активни кредити земени од небанкарските финансиски друштва. Тоа значи дека само за шест месеци во 2026 година, се одобрени речиси 22 илјади кредити повеќе отколку на крајот на 2025 година.

Ако лани граѓаните имале позајмено 189 милиони евра, до јуни годинава должеле 237 милиони евра. Во просек, со секој брз кредит се позајмени по околу 900 евра.

Меѓутоа, високите камати, провизиите за одобрување и останатите трошоци за овие кредити (стапка на вкупни трошоци од околу 60% и уште 60% дополнителни трошоци), можат значително да ја зголемат сумата што треба да се врати.

Лабавите критериуми за одобрување кредити и високите трошоци сериозно го влошуваат квалитетот на кредитното портфолио, односно создаваат проблеми со наплатата.

Податоците за целата индустрија покажуваат дека ризикот расте значително побрзо од самиот пазар. За период од само година и пол, односно од почетокот на 2025 до првата половина од годинава, вкупниот износ на лоши и ненаплатливи кредити значително расте.

Тој ја проби за првпат историската граница од над една милијарда денари, односно околу 16,5 милиони евра. Тоа значи дека стапката на потенцијално ненаплатливи кредити бележи скок од 5,9% на 7%.

Оваа стапка е речиси трипати повисока во споредба со традиционалниот банкарски сектор каде процентот на ненаплатливи кредити изнесува околу 2,4%.

Реалната стапка на ненаплатливи „брзи“ кредити веројатно е и повисока бидејќи дел од финансиските друштва основале сопствени компании за наплата на побарувања, на кои им ги пренесуваат или им ги продаваат проблематичните долгови.

На тој начин, спорните побарувања се отстрануваат од билансите на финансиските друштва, па нивната финансиска состојба на хартија изгледа подобра отколку што навистина е.

Во земјава денес има 12 активни компании коишто се занимаваат со прибирање и наплата на побарувања. Станува збор за обични трговски друштва без посебна дозвола за присилна наплата. Принудна наплата можат да вршат само судови, нотари и извршители. Сите тие заедно, лани имале приходи од 11,2 милиони евра и добивка од речиси три милиони евра. Вкупно, имаат 178 вработени.

Мали казни за прекршителите

Министерството за финансии во изминатите две години утврдило и други неправилности во работењето на некои од финансиските друштва. Од наплата на трошоци над законскиот лимит до рекламирање кредити со „нула проценти камата“, иако договорите предвидувале дополнителни давачки.

Во одговорот до ИРЛ, министерството потврдува дека кај дел од друштвата биле утврдени трошоци над дозволеното, надоместоци за предвремена отплата и нетранспарентно рекламирање.

Во март годинава, министерството јавно соопшти дека при надзор открило и таканаречени измамнички трговски практики. Друштвата рекламирале кредити со „0% камата“, иако клиентите во договорите имале и други трошоци.

Биле утврдени и случаи во кои финансиски услуги се рекламирале под брендови без јасно да се наведе кое лиценцирано друштво ги нуди, како и користење повеќе интернет-страници од исто друштво.

Во мандатот на министерката Гордана Димитриеска Кочоска, од јули 2024 до октомври 2026 година, според податоците што ги достави Министерството за финансии до ИРЛ, казнети биле 18 финансиски друштва. При теренски и вонтеренски надзори биле изречени глоби од околу 46.400 евра. Тоа е само 0,15% од годишната добивка на целиот сектор за 2025 година, која изнесува 29,6 милиони евра.

Министерството издало и 57 писмени наредби со рокови за отстранување неправилности, а на две друштва им ја суспендирало работата на 30 дена.

Четири финансиски друштва останале без дозвола за работа во овој период. Министерството наведува дека две дозволи биле одземени поради прекршувања на законот, а другите две поради неисполнување на законскиот услов за минимален основен капитал, кој со измените од 2023 година беше зголемен од 100.000 на 500.000 евра.

Меѓутоа и покрај утврдените прекршувања, јавноста сè уште нема целосна слика за опсегот на проблемот, ниту пак изречените мерки покажуваат колку е успешен системот во спречувањето на повторни неправилности.

Во јули 2025 година Министерството за финансии формирало посебно Одделение за надзор над работењето на финансиските друштва. Според одговорот до ИРЛ, во него моментално работат четворица, со поддршка од раководителот на секторот и помошникот. Зависно од обемот на работата, министерот може да овласти и дополнителни лица за надзор.

Не добивме одговор дали министерството смета дека овој капацитет е доволен за ефикасни контроли и надзор врз целиот сектор, односно над вкупно 27 активни финансиски друштва со стотици филијали низ државата.

Суштинска законска реформа сè уште нема

По измените на Законот за финансиските друштва од 2023 година и воведувањето дополнителни правила за кредитниот ризик со посебни правилници во 2024 година, државата презеде одредени мерки за ограничување на ризикот од презадолжување и за подобрување на идентификацијата на клиентите.

Во јули 2024 година стапија во сила одредби од Правилникот за управување со кредитниот ризик, вклучително и правила поврзани со односот меѓу обврските за отплата на кредитите и приходите на клиентите. Беше воведена и задолжителна идентификација на клиентите поради претходно утврдени слабости при одобрувањето кредити и злоупотребата на лични податоци.

Но, министерството во мај годинава најави нови измени на Законот за финансиските друштва. Оттаму ни појаснија дека се работи на измени и дополнувања со цел зајакнување на регулаторната рамка, поголема заштита на граѓаните и унапредување на транспарентноста и стабилноста во работењето на овие субјекти.

„Се работи на законски измени кои предвидуваат зајакнување на корпоративното управување за со тоа и заштита на потрошувачите. Дополнително, се зајакнува контролата при отворање на нови деловни простории. Со измените се предвидуваат одредби за намалување на готовината во оптег. Целта е поголема следливост на финансиските текови и намалување на ризиците од злоупотреби“, одговорија од Финансии.

Според одговорот, нејасно е дали со измените ќе се решат проблемите на граѓаните што досега ги открил регулаторот. Исто така, очигледно не е предвидено намалување на законските трошоци што им ги дозволува државата на финансиските друштва, односно стапка на вкупни трошоци (СВТ) што во моментов е околу 60% и дополнителни трошоци од 60% што не се опфатени во СВТ. Министерството исто така не наведе рок кога измените ќе бидат донесени.

Што е СВТ?
СВТ (стапка на вкупни трошоци) покажува колку навистина го чини граѓанинот еден кредит на годишно ниво. Во неа се пресметуваат каматата и сите други задолжителни трошоци поврзани со кредитот. На овој начин граѓаните можат да видат колку ќе платат за кредитот и полесно да ги споредат понудите од различни финансиски друштва.

Заборавена идејата Народната банка да ги контролира брзите кредити

Додека беше во опозиција, партијата ВМРО-ДПМНЕ го оспоруваше капацитетот на Министерството за финансии да врши ефикасен надзор над финансиските друштва што одобруваат брзи кредити.

Во текот на собраниските дебати во мај 2023 година за измените на Законот за финансиски друштва предложени од тогашниот министер Фатмир Бесими, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Тони Јаревски и други во тогашната опозиција упатуваа остри критики до Министерството за финансии.

Го обвинија тогашното раководство на министерството за пасивно набљудување и недостиг на теренски капацитет за контрола, нагласувајќи дека неажурноста на институциите ги изложила граѓаните на астрономски скриени трошоци и ги втурнала во должничко ропство.

Јаревски се залагаше надлежноста за контрола да ја преземе Народната банка, институција која, според образложението на поднесениот амандман, има поголемо искуство и капацитети за надзор над финансиските друштва.

„Овој амандман се предлага со цел НБРМ, а не МФ да врши надзор над работењето на финансиските друштва. НБРМ има поголемо искуство и капацитети за надзор над финансиски институции и затоа сметаме дека од ваквите измени ќе имаат бенефит сите инволвирани страни“, пишуваше во предлог амандманот којшто беше одбиен од мнозинството.

Денес, кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт (од јуни 2024 година), префрлањето на надзорот под Народната банка не е во преден план на најавените реформи.

Две и пол години подоцна, го прашавме пратеникот Тони Јаревски дали како дел од актуелното мнозинство во Парламентот, има поднесено слична иницијатива за да ги заштити граѓаните.

„Немаме разговарано, добра е идејата, но да видиме. Треба да се разгледа, зошто да не“, ни рече Јаревски.

На почетокот на својот мандат и министерката за финансии Димитриеска Кочоска во интервју за ИРЛ ни рече дека „ако се постигне договор, веднаш би ги префлрила финансиските друштва под надзор на Народната банка“.

Во последниот одговор што го добивме од министерството велат дека тие продолжуваат со зајакнат надзор и со преземање мерки во сите случаи кога ќе се утврди дека финансиските друштва не ги почитуваат законските обврски или ги загрозуваат правата и интересите на граѓаните.

„Оттука надлежноста на работењето на финансиските друштва останува на Министерството за финансии, со особен фокус на заштита на граѓаните за чија цел во јули 2025 година беше формирано ново Одделение за надзор над работењето на финансиските друштва“, потенцираа од Министерството за финансии.

Инаку, Народната банка со години во своите извештаи за финансиска стабилност предупредува на ризиците од презадолжување на одредени посиромашни слоеви од населението со далеку поскапите брзи кредити за разлика од банкарските.

Погледнете го документарниот филм на ИРЛ „Украдени животи“ кој беше емитуван на Македонската Радио Телевиизја во декември 2024 година

- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404фановикако
61,453претплатницисе претплатите
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img