Верувам дека смислата на животот е во тоа да бидеме луѓе, да покажеме емпатија и да споделиме радост со другите. Нема поголема вредност и нема повозвишено чувство од тоа да знаеш дека си бил причина некој да се насмее, да почувствува надеж или поддршка во тежок момент, вели скопскиот градоначалник во разговор за „Слободен печат“ посветен на Бадник и Божиќ.
Како го доживувате празникот Бадник – успевате ли тој ден целосно да го поминете дома со семејството?
Од детството носам силни спомени од Бадник. Се сеќавам како моите родители не заспиваа цела вечер, будни и со радост ја чекаа веста за Христовото раѓање. Тоа се денови во кои меѓу луѓето владее некаква посебна топлина, кога сите сме поблиски, а добрата мисла и мирот се чувствуваат насекаде.
Заедно со сопругата Мартина искрено се трудиме тие вредности да ги пренесеме и на нашиот син Ведран – љубовта кон семејството, почитта кон традицијата и чувството за грижа кон другите.
Секако, обврските како градоначалник се големи и одговорноста е постојана, но како што вели народната мудрост: „Кај и да си, за Бадник дома да си“. Тој ден секогаш се трудам да го поминам со најблиските.
Денот пред Бадник, пак, за мене има посебно значење. Тоа не е само моја обврска како градоначалник, туку пред сè човечна обврска. Моја традиција е, заедно со сопругата Мартина и со многу хумани луѓе, да подготвуваме стотици оброци за оние на кои им се најпотребни. Верувам дека сите заслужуваат достоинствен Бадник и Божиќ, и дека празничната радост треба да се почувствува во секој дом.
Среќата е најголема кога се споделува. Тоа те исполнува, те прави подобар човек и те потсетува дека вистинската смисла на празниците е да бидеме луѓе – едни за други.
Која е вашата омилена семејна традиција за Бадник што се трудите секоја година да ја зачувате?
– Со сопругата имаме една убава и искрена семејна традиција која со години ја негуваме и така ќе продолжиме, без разлика на сите обврски. Родителите се нашиот столб, тие се луѓето кои ни го дале правецот во животот и токму затоа за нас семејството секогаш е на прво место.
За Бадник, традиционално, целата ноќ ја поминуваме кај моите родители. Таму, во домот каде што сум пораснал, се чувствува вистинскиот дух на празникот. За Божиќ, пак, сме кај родителите на мојата сопруга, и на тој начин ја чуваме рамнотежата, почитта и блискоста со двете семејства.
Посебен и секогаш возбудлив момент е пронаоѓањето на паричката. Интересно е тоа што никогаш, ама никогаш не се „мести“ да се падне кај нашиот син Ведран. Тоа е свесна одлука од наша страна, затоа што сакаме уште од мал да научи дека во животот ништо не доаѓа со нечија помош, туку со труд, трпение и чесност. Можам слободно да кажам дека тие вредности веќе се длабоко вкоренети во него, на што сум искрено горд.
Имаме и уште една, семејна традиција, целата бадникова ноќ ја поминуваме гледајќи Новогодишни филмски серијали. Тоа се моменти на смеа, блискост и топлина, моменти што се паметат цел живот.
Навистина, овие празници се посебни. Тие нè потсетуваат колку малку е потребно за вистинска среќа, семејството, љубовта и заедништвото.
Колку ви значи семејството како поддршка?
– Ми значи сѐ. Искрено можам да кажам дека сум среќен човек, затоа што моето семејство е мојата најсилна и најискрена поддршка, мојот мир и ветарот што ме турка напред. Во секоја одлука, во секој притисок и во секој тежок момент знам дека зад мене стојат луѓе кои веруваат во мене без резерви.
Имало и тешки периоди, моменти кога товарот на одговорноста е голем, но токму тогаш тие се тие што ме потсетуваат дека ништо не е непремостливо ако ги имаш вистинските луѓе покрај себе. Нивната поддршка ми дава сила, стабилност и јасна мисла.
Свесен сум дека поради функцијата која ја извршувам, не можам секогаш да бидам со нив онолку колку што би сакал. Работата го зема времето кое природно им припаѓа ним. Но, тие никогаш не прават тоа да се почувствува како товар. Напротив, со разбирање и љубов се трудат секој заеднички момент да биде вистински квалитетен.
Навечер, по напорниот работен ден, кога ќе се вратам дома, најдраги ми се тие моменти на тишина и блискост, читање со синот пред спиење, тој заспива покрај мене, а потоа со сопругата водиме долги разговори за денот што поминал и за предизвиците што нè чекаат утре. Така се обидуваме да ја надополниме празнината што ја носи динамичниот ден.
Токму затоа сакам искрено да му се заблагодарам на моето семејство – за трпението, за поддршката и за тоа што никогаш не ми замерува што работам секој ден, цел ден. Посебна благодарност ѝ должам на Мартина, која е вистински борец, мој столб и личност на која секогаш можам да се потпрам. Без нив, ниту една улога не би имала вистинска тежина и смисла.
Во моменти кога е најтешко, дали токму семејството е вашето „прибежиште“ и извор на сила?
– Апсолутно. Во најтешките моменти, семејството е моето вистинско прибежиште и најсилниот извор на енергија. Кога притисокот е најголем и одлуките се најтешки, токму тие ми даваат мир, јасност и сила да продолжам понатаму.
Семејството ме потсетува кој сум и зошто сум на оваа позиција. Таму нема политика, нема калкулации, има искреност, љубов и разбирање. Еден разговор, една прегратка, еден тивок момент дома често вреди повеќе од илјада совети.
Тие ми даваат сигурност, која ме прави посмирен, поодлучен и поодговорен во носењето одлуки. Кога имаш здраво и цврсто семејство зад себе, ниту еден предизвик не изгледа невозможен.
Кога ќе направите пресек на 2025 година, која е вашата најголема неостварена желба или цел што сакате да ја реализирате во периодот што следи?
Кога правам пресек на 2025 година, искрено можам да кажам дека на личен план немам некои посебни неостварени желби. Себеси се сметам за скромен човек, кого повеќе го исполнува туѓата, отколку сопствената среќа. Мојата најголема и единствена желба е луѓето околу мене, моето семејство, моите најблиски, да бидат здрави, живи и сите на број. Тоа е темелот од кој започнува сè друго.
Верувам дека смислата на животот е во тоа да бидеме луѓе, да покажеме емпатија и да споделиме радост со другите. Нема поголема вредност и нема повозвишено чувство од тоа да знаеш дека си бил причина некој да се насмее, да почувствува надеж или поддршка во тежок момент.
Во периодот што следи, на радост на моите скопјани, ќе се реализираат бројни проекти и чекори кои со децении не биле ни во план, или останале само како празни и нереализирани ветувања. Денес нема да зборувам за политика, но можам искрено и одговорно да најавам дека 2026 година ќе биде година на големи успеси, видливи промени и почеток на едно ново, пооптимистично поглавје за нашето Скопје.
Какво Скопје им посакувате на неговите граѓани – не само инфраструктурно, туку и како град за живот, солидарност и заедништво?
– Посакувам Скопје да го задржи и повторно силно да го разбуди својот препознатлив дух на солидарност – духот по кој отсекогаш било познато. Тој дух на емпатија, на сплотеност и човечност, каде соседот се грижи за соседот, а градот дише како едно. Можеби во изминатиот период тој дух делумно се изгуби во брзината на секојдневието и во поделбите, но од оваа дистанца, и за релативно кратко време, јасно гледам дека работите одат на добро.
Скопје не го гледам само како град на инфраструктура, туку како жив организам составен од луѓе, приказни и судбини. Град во кој детската насмевка е најважниот показател за успех, во кој постарите се почитувани, а младите имаат причина да останат, да создаваат и да сонуваат. Град во кој различностите не нè делат, туку нè збогатуваат.
Посакувам Скопје да биде град во кој секој ќе се чувствува безбедно, прифатено и вреднувано. Град во кој солидарноста не е само збор, туку секојдневна пракса, а заедништвото не е флоскула, туку начин на живеење. Верувам дека заедно можеме да изградиме Скопје кое не само што изгледа подобро, туку и живее подобро, град со душа, со срце и со луѓе кои се горди што го нарекуваат свој дом.
Верувате ли дека како прв човек на Скопје можете целосно да ја остварите таа визија и што е клучно за таа замисла да стане реалност?
– Верувам. Искрено и длабоко. Таа верба во подобро утре ме донесе до овде каде што сум денес и таа верба ме води секој ден во одлуките што ги носам. Верувам затоа што знам дека ништо трајно и вредно не се гради со заткулисни игри, туку со чесна работа, искрен пристап и отворено срце кон граѓаните. Мојот единствен начин на работа е транспарентно, со чист образ и со јасна цел – Скопје повторно да стане град со кој сите ќе се гордееме.
Клучно за таа визија да стане реалност се луѓето. Довербата на граѓаните, нивната вклученост и заедничката одговорност дека градот не е на еден човек, туку на сите нас. Потребни се храброст за носење одлуки, упорност кога е тешко и емпатија за да се слушне секој глас. Потребна е и дисциплина, но и човечност – да не заборавиме зошто сме тука и за кого работиме.
Мојата цел е Скопје повторно да биде горд град – град во кој институциите служат, а не владеат, град во кој редот и правдата се правило, а не исклучок, и град во кој секој граѓанин ќе чувствува дека има свое место и своја иднина. Верувам дека тоа е можно, затоа што веќе гледам дека заедно можеме повеќе отколку што мислиме.
На крај, во овој празничен период, сакам на сите скопјани и на сите граѓани да им посакам мир, здравје и топлина во домовите. Нека празниците ни донесат сплотеност, вера и надеж дека најдоброто допрва доаѓа. Среќни празници.








