Повторно гореше депонијата во Струга, со делата на неодговорни поединци одново загрозено здравјето и безбедноста на граѓаните.
Од Општина Струга информираа дека првичните сомнежи и трагите пронајдени на местото на настанот јасно укажуваат на намерно предизвикан пожар, бидејќи на теренот биле забележани траги од бензин. Благодарение на брзата реакција на општинските служби и надлежните институции, пожарот беше локализиран и изгаснат навреме, со што беа спречени уште потешки последици.
– Веднаш на местото на настанот излегоа и припадници на Полицијата, како и надлежните инспектори, кои отворија постапка за идентификување и изведување пред лицето на правдата на сторителите.Станува збор за кривично дело кое не може и нема да биде толерирано. Жално е да се сфати дека има луѓе кои, заради тесни лични интереси или со цел да создадат хаос, не се двоумат да ги загрозат животот и здравјето на илјадници граѓани. Да се труе воздухот што го дишат децата, повозрасните и секое струшко семејство е неприфатлив и крајно неодговорен чин, велат од општината.
Додаваат дека паралелно со истрагата, се спроведуваат дополнителни безбедносни мерки на депонијата за да се спречат слични случаи и депонијата е под 24-часовен надзор.
Од општината ги повикуваат сите граѓани, доколку располагаат со информации што можат да помогнат во идентификувањето на сторителите, истите да ги споделат со надлежните органи.






