Податоците од Државниот завод за статистика покажуваат дека Северна Македонија има повеќе работници кои работат „на црно“ отколку лица кои се сметаат за невработени. Во вториот квартал од 2026 година, во Северна Македонија имало 101.022 лица ангажирани во неформално вработување, што претставува 14,3 отсто од вкупно 708.698 вработени, односно приближно секој седми вработен.
Овој проблем покажува дека секој седми работник останува надвор од целосната заштита на системот, пишува „Журнал.мк“.
Повеќе имаме работници „на црно“ отколку невработени!
Во вториот квартал од 2026 година, во Македонија имало 101.022 лица вработени на неформален начин, според податоците на Државниот завод за статистика. Тоа претставува 14,3 отсто од вкупно 708.698 вработени, или приближно секој седми вработен.
Во истиот период, 90.020 лица биле невработени. Така, бројот на лицата кои работат неформално е за 11.002 поголем од бројот на невработените лица кои активно бараат работа и се подготвени да започнат со работа.
Ова покажува дека во земјата има повеќе лица во неформално вработување отколку лица кои статистички се водат како невработени.
Од друга страна, стапката на невработеност изнесува 11,3 отсто, бројот на вработени е зголемен за еден процент во споредба со истиот период во 2025 година, а економијата во вториот квартал пораснала за 4,3 отсто.
Пресметката врз основа на податоците на Државниот завод за статистика покажува дека, во споредба со вториот квартал од 2025 година, неформалното вработување е зголемено за околу три проценти, додека проценетото формално вработување е зголемено за околу 0,7 проценти.
Клучното прашање е: ако сезонската работа секоја година создава десетици илјади неформални работници, тогаш сезоналноста не е само статистичко објаснување, туку претставува повторлив системски проблем.
Најмногу неформални работници има во земјоделството, шумарството и рибарството
Од особено значење е фактот што најголема концентрација на работници „на црно“ има во земјоделството, шумарството и рибарството, каде се регистрирани 51.487 лица вработени на неформален начин. Тоа претставува 51 отсто од вкупниот број неформално вработени.
Уште 17.372 лица, односно 17,2 отсто, се ангажирани во градежништвото. Само овие две дејности сочинуваат повеќе од две третини од сите неформални работници во земјата.
Неформалноста во земјоделството е поттикната од сезонските вработувања, неплатената семејна работа, малите земјоделски стопанства, фрагментираното производство и нередовните приходи.
Најголем дел од работата се одвива надвор од класичниот однос компанија-вработен, што го отежнува регистрирањето, контролата и наплатата на придонесите.
Оние што работат „на црно“ не се целосно заштитени!
Зголемувањето на неформалното вработување може да биде показател дека неформалната економија не се намалува, особено во градежништвото.
Ова отвора и прашање во однос на јавните инвестиции: дали договорите финансирани со јавни средства содржат доволно силни механизми за проверка на работниот статус на лицата ангажирани од подизведувачите?
Концентрацијата во земјоделството укажува на зголемена изложеност на руралните и земјоделските средини, но тоа бара инспекциски контроли според општини, региони и сектори.
Неформалното вработување не значи дека сите 101.022 лица се целосно без здравствено или пензиско осигурување. Некои од нив можеби имаат осигурување по други основи или имаат дополнителен неформален ангажман покрај формалната работа.
Но, работата која не е целосно регистрирана не создава законски тек на придонеси и не обезбедува еднакви работнички и социјални права.
За работникот, тоа може да значи помала или никаква пензија за периодот во кој работел, несигурност во случај на повреда, ограничена заштита при отказ и поголеми тешкотии при докажувањето на платата и работните часови.
За фондовите, тоа значи потесна придонесна база. Заклучно со 30 јуни 2026 година, во пензискиот фонд имало 571.855 осигуреници и 350.671 корисници на пензија. Тоа значи дека имало само 1,63 осигуреници на еден пензионер.
Неформалното вработување не е единствената причина за зависноста на системот на социјално осигурување од буџетот. Стареењето на населението, иселувањето, нивото на пензиите и односот меѓу осигурениците и пензионерите исто така имаат влијание.
Но, секоја работа за која не се плаќаат целосни придонеси дополнително ја стеснува финансиската база на системот.
Сличен ефект се создава и во здравствениот фонд: трошоците за здравствена заштита не исчезнуваат затоа што дел од работата е неформална, но придонесите што произлегуваат од таквата работа може да недостигаат.
Од друга страна, Северна Македонија бара работници од странски земји, особено во секторите на туризмот, градежништвото и земјоделството.
Сепак, од особено значење е државата да најде начини работниците кои работат во овие тешки сектори да бидат соодветно заштитени и да немаат проблеми со здравственото и пензиското осигурување, пишува „Журнал.мк“.






