Во тек е целосна реконструкција на паркот „Жена борец“ во центарот на Скопје, со замена на пешачките патеки, реставрација на урбаната опрема и дополнително хортикултурно уредување, соопшти градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Според најавените активности, постојните подни плочки и пешачки патеки ќе бидат заменети со мермерни.
Предвидена е и реставрација на постојната урбана опрема, како и дополнително уредување на зелените површини во паркот.
Ѓорѓиевски претходно најави дека реконструкцијата ќе опфати и делови од паркот кај ГТЦ, скалите и друга дотраена инфраструктура.
Работите на терен веќе започнаа, а од паркот се отстранети дел од постојните клупи и корпи за отпадоци заради изведување на реконструкцијата.






