Македонската алтернативна сцена од вчера е побогата за уште едно извонредно деби издание. Бендот Маратонци, победниците на Лузер Фест 2025 и состав кој веќе се претстави пред публиката со неколку забележителни настапи, вчера го објави својот прв официјален сингл и видеоспот „Сонце“.
„Дечкииии ја споделуваме Сонце со вас!!!! Чујте јааа на Јутуб за да добиете витамин Д“, порачаа членовите на бендот преку социјалните мрежи, најавувајќи дека песната наскоро ќе биде достапна и на останатите музички платформи.
Маратонци се еден од најинтересните нови состави на домашната сцена. Во актуелната постава на Маратонци членуваат Димитар Назифоски (вокал и акустична гитара), Тезан Хајредин (вокал и електрична гитара), Даме Јовески (клавијатури) и Стефан Дуковски (вокал и бас-гитара), а со приклучувањето на Благојче Ацески (тапани), бендот го добива својот препознатлив звук и форма.
Жанровски се опишуваат како состав кој свири џипси реге панк хип-хоп алтернатива драм-енд-бејс мејнстрим етно инди фанк џез поп-рок. Токму таа неспоредлива мешавина на стилови и влијанија е она што ги издвојува од останатите млади музички состави.
Песната „Сонце“ носи ведра атмосфера, но и доза носталгија и емоција. Во текстот се испреплетуваат мотиви за будењето, светлината, спокојот, зајдисонцето, езерото и спомените, додека рефренот со едноставната порака „Сонце дај“ лесно останува во меморијата уште по првото слушање.
Видеоспотот визуелно ја следи атмосферата на песната. Во него доминираат кадри од брегот на Охридското Езеро, сончеви пејзажи и зајдисонца, а покрај природните убавини се појавуваат и членовите на бендот. Целината создава топол амбиент кој совршено се надоврзува на музиката и пораката на песната.
Синглот е снимен, миксан и мастериран од Валентино Скедеровски во Студио Enterprise, а зад видеото стојат Ленка Трајковиќ и Тезан Хајредин, додека монтажата и визуелниот дизајн ги изработил Стефан Дуковски.
Ако според првиот сингл може да се насети правецот во кој ќе се движат, тогаш домашната публика допрва ќе има можност да слушне уште многу оригинални и жанровски неограничени музички приказни од оваа млада група музичари.








