По повод Меѓународниот ден на белиот стап, во Тетово денеска беа пуштени во употреба четири нови семафори опремени со звучни сигнали. Новата сигнализација треба да им овозможи на лицата со оштетен вид побезбедно, полесно и понезависно преминување на улиците во градот.
Новите звучни семафори се поставени на четири фреквентни локации во градот:
Во близина на Судот и Медицинското училиште на булеварот „Благоја Тоска“
Во близина на Тетовската болница
Во близина на Шарената џамија
Градоначалникот на општина Тетово, Билал Касами, истакна дека овој проект претставува важен чекор кон изградба на инклузивно општество каде сите граѓани ќе се чувствуваат безбедно.
„За Општина Тетово еднаквиот пристап до јавниот простор не треба да биде привилегија, туку основно право. Нашата цел мора да биде создавање средина без бариери, каде што секој граѓанин, без оглед на физичките или сензорните способности, има еднакви можности за живот, работа и независно движење“, порача Касами, најавувајќи дека наскоро овие сигнали ќе бидат поставени и на други локации со поголем сообраќаен интензитет.
Здружението бара поддршка преку целата година, а не само за празници
Од Здружението на слепи и слабовидни лица го поздравија враќањето на звучната сигнализација, посочувајќи дека слични семафори постоеле и претходно, но со тек на време биле отстранети. Претставникот на здружението нагласи дека ова е значајно за нивните 180 до 200 членови, но и посочи на бројните секојдневни проблеми со кои се соочуваат.
Покрај подобрувањето на сообраќајната сигнализација, од Здружението ги истакнаа следните клучни предизвици:
Блокирани тротоари: Паркираните возила на тротоарите претставуваат огромна пречка не само за слепите и слабовидните, туку и за лицата со телесен инвалидитет, корисниците на колички, па дури и за сите останати пешаци.
Потреба од тактилни патеки: Побарано е поставување на тактилни патеки за водење од клучните точки во градот до најважните институции (општина, полиција, банки).
Финансиска нестабилност: Здружението се соочува со финансиски потешкотии за покривање на основните оперативни трошоци за функционирање.
img 9388
„Ние бараме помош од општините и институциите да ни помогнат за основните работи. Се надевам дека нема да не гледаат и памтат само за Денот на белиот стап или за Нова година. На нас ни треба помош во сите 365 дена во годината“, апелираа од Здружението на слепи и слабовидни лица.






