Министерството за здравство и здружението ХЕМА-ОНКО ја одржаа работилницата „Редефинирање на онколошката грижа: системски решенија за достапна и непрекината грижа во Македонија“. На средбата, на која учествуваа претставници на Владата, здравствените институции, академската заедница, пациентите и здравствената индустрија, беа разгледани состојбите и можностите за унапредување на грижата за онколошките пациенти.
Министерот за здравство Сашо Клековски посочи дека е потребен премин од фрагментиран и преоптоварен систем кон сеопфатен национален план и онколошка мрежа со единствени стандарди. Според него, приоритет се итните мерки за стабилизација на грижата, паралелно со подготовката на долгорочен пристап кон контролата на ракот.
Според податоците презентирани на работилницата, во 2023 година во земјава биле регистрирани 8.371 нови случаи на рак, што е за 16 проценти повеќе во споредба со пред десет години. Истата година од малигни заболувања починале 3.726 лица. Иако ракот се јавува поретко отколку во Европската Унија, смртноста е повисока.
Експертот проф. д-р Жозеф Глигоров од Универзитетот Сорбона и болницата „Тенон“ во Париз ги претстави европските стандарди и предложи развој на национална онколошка мрежа. Според предложениот модел, еден сеопфатен онколошки центар би ја координирал грижата, сложеното лекување би се концентрирало таму, а вообичаените терапии би се спроведувале поблиску до местото на живеење на пациентите.
Како краткорочни мерки беа посочени задолжителните конзилиуми за секој нов случај, вклучително и на далечина, како и утврдување јасни патеки за пациентите со максимални рокови на чекање. Беше предложен и патоказ за следните 24 месеци.
На панел-дискусиите беа отворени прашањата за недоволниот опфат на скрининг-програмите, ограничените дијагностички капацитети и преоптовареноста на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија. Според изнесените податоци, опфатот со скрининг за рак на дојка е под шест проценти, а клиниката располага со три линеарни акцелератори за население од околу 1,8 милиони жители.
Беше истакнато и дека, со истата опрема и персонал, во 2025 година дијагностичките услуги биле зголемени за 15 проценти, а радиотерапијата за 55 проценти, што беше поврзано со подобрата организација и ангажманот на здравствените работници.
Во завршницата, Клековски најави активности за утврдување на инфраструктурните и технолошките потреби и градење долгорочен национален пристап кон контролата на ракот. Тој посочи дека Македонија од годинава е дел од програмата EU4Health под исти услови како земјите-членки на Европската Унија, а за користење на европските средства се потребни национален план, јасно определена водечка институција и соодветни податоци.






