Општина Аеродром и оваа година ќе доделува еднократна парична помош од 3.500 денари за секое дете запишано во прво одделение во основно училиште на територијата на општината.
Пријавувањето ќе трае од 15 јуни до 30 септември 2026 година, а документите треба да се достават во архивата на Општина Аеродром.
За остварување на правото на парична помош, потребно е да се достави потврда за запишан ученик во прво одделение, заверена од основното училиште на територијата на Општина Аеродром или од основно училиште со ресурсен центар.
Покрај тоа, потребни се и фотокопија од извод од матичната книга на родените за првачето, фотокопија од лична карта или патна исправа на барателот со адреса на живеење во Општина Аеродром, како и фотокопија од трансакциска сметка.
Образецот за пријава и изјавата за согласност за обработка на лични податоци можат да се преземат од официјалната веб-страница на општината, во делот за документи и формулари.
Од Општина Аеродром им посакуваат успешен почеток на сите идни првачиња, многу знаење, другарства и убави училишни спомени.








