Пензионерите Пол и Лин од САД ја продале својата куќа и вложиле стотици илјади долари за наредните четири години да живеат на крузер. Но, компанијата почнала да бара дополнителни пари, а кога патниците одбиле да плаќаат, повеќе од 200 гости биле избркани од крузерот во Камбоџа и оставени да се снаоѓаат сами.
Крстарење со крузер кое требало да трае неколку години се претворило во кошмар за патниците откако компанијата го прекинала патувањето.
Во 2024 година, крузерот Odyssey тргнал од Северна Ирска на континуирано патување околу светот.
Ваквите патувања траат по неколку години, а патниците имаат опција или да платат само за краток одмор или да закупат кабина „за цел живот“, односно да почнат да живеат на крузерот.
За втората опција неретко се потребни и до половина милион долари, а луѓето кои го прават ова, најчесто пензионери, продаваат буквално сè што имаат.
Во ваква ситуација се нашле Пол Монтоја и неговата сопруга Лин кои заедно со 200 други патници биле „извисени“ и оставени во Камбоџа.
68-годишниот Пол и 64-годишната Лин од Вајоминг, САД, кои се пензионери, решиле да поминат неколку години на крузерот и сметале дека инвестираат во нивната иднина.
Продале апсолутно сè што имаат и го потпишале договорот во 2023 година. Следната година тргнале на патувањето за кое компанијата ветувала дека ќе трае 15 години.
Нивниот план бил да поминат четири години на крузерот, па потоа да видат што ќе прават следно.
Првично тие платиле 179.000 долари за нивната кабина, но кога почнало патувањето, се појавиле и други неочекувани трошоци.
Како што растеле цените на горивото, компанијата почнала да им бара повеќе пари не само на нив, туку и на другите патници, па покрај првичната сума, парот платил уште 450.000 долари.
Од компанијата почнале да им бараат повеќе пари во април со изговор дека поради зголемените цени на горивата, нема да можат да го продолжат патувањето со тогашниот буџет.
На крузерот имало и други патници како Пол и Лин, кои планирале да патуваат неколку години.
Од 22 патници компанијата побарала заеднички заем во висина од 2,2 милиони долари, со ветување дека до април следната година ќе им ги врати парите, и тоа со камата.
„Досега уште ни немаат вратено ништо. На 31-ви јули ни рекоа дека ќе ни биде исплатена рата во наредните три дена.
Но, два дена подоцна ни кажаа дека компанијата нема пари“, открива Лин.
И покрај тоа што веќе зеле милиони од патниците, по неколку месеци компанијата побарала уште пари.
„Патниците како нас почнаа да донираат за да можеме да продолжиме со патувањето.
Во септември компанијата побара 1,5 милиони, а потоа уште 360.000 долари минатата недела, додека бевме заглавени во Камбоџа“.
Сега парот смета дека компанијата намерно им барала пари додека биле закотвени, без начин да се вратат дома, за да бидат присилени да им платат.
„Се чувствувавме манипулирано кога се случи првиот пат, а потоа почна да нè фрустрира.
Ќе пристигневме на пристаниште и шест часа пред да заминеме ќе ни речеа ’Не можеме да заминеме. Немаме пари‘. Сите чувствувавме притисок да најдеме пари.
Дури почнавме и да се шегуваме дека сме киднапирани“, споделува Лин.
Бидејќи парите што ги давале очигледно не правеле разлика, патниците сфатиле дека компанијата има огромни долгови.
„Почна да станува јасно дека компанијата има голем долг и почнавме да губиме многу од услугите.
Неколкупати ни го исклучуваа интернетот, па не можевме да си ги провериме банкарските сметки, ниту да се јавиме дома.
Потоа беше прекинат ТВ преносот, па почнавме да поставуваме повеќе прашања. И покрај ова, компанијата повторно ни бараше пари за гориво“.
Почнал да се намалува и квалитетот на храната, а вработените на крузерот им кажале на патниците дека наскоро нема да им бидат вратени парите што ги дале отпосле.
Ситуацијата кулминирала неделава, кога стотици патници биле практично избркани од крузерот.
На пристаниште во Камбоџа крузерот пристигнал со 203 гости и 156 вработени. На патниците им било наредено дека имаат само неколку часа да се спакуваат и да го напуштат крузерот.
Потоа бродот си заминал.
Инцидентот се случил откако компанијата побарала уште пари, но мнозинството од патниците одбиле да дадат.
„Повеќето луѓе рекоа не, не даваме повеќе пари. Искрено, сметам дека мислеле дека луѓето повторно ќе им дадат пари, па ќе можат да продолжат со лагата.
Не бевме сигурни дали треба да си земеме сè или само багаж за преноќување. Ни кажаа дека нашите кабини ќе бидат заклучени, па зедовме доволно работи за 14 дена.
Но, некои луѓе го напуштија бродот носејќи по 12 куфери“.
Од пристаништето, патниците биле распоредени во неколку автобуси и биле оставени во центарот на градот.
Од компанијата тврдат дека соработувале со патниците за да им помогнат да се снајдат, но Пол и Лин велат дека не добиле апсолутно никаква помош и биле оставени сами на себе.
„Некои патници се во доцните 70-ти и 80-ти и беа присилени да најдат такси и хотел. Многу од нив ја потрошиле скоро цела заштеда за ова патување.
Крузерот нудеше опција која чини половина милиони долари, со ветување дека патниците нема да мора да платат ни цент додека живеат на бродот“.
Пол и Лин успеале да најдат сместување, а во истиот хотел се сместиле и уште 40-тина други патници од крузерот.
Уште чекаат каков било контакт од компанијата, но не губат надеж дека ќе можат да продолжат со патувањето.
Сепак, се надеваат и дека по хаосот, компанијата ќе добие нов сопственик.






