домаМакедонијаПендаровски потврди дека на Водно се разговарало и за Груевски: Реков дека...

Пендаровски потврди дека на Водно се разговарало и за Груевски: Реков дека немам намера да го помилувам

- Advertisement -spot_img

Поранешниот претседател Стево Пендаровски јавно потврди дека во претседателската вила на Водно се одржала средба меѓу претставници на тогашниот државно-политички врв и највлијателните амбасадори, на која се разговарало и за експремиерот Никола Груевски. Како што истакна Пендаровски, тој јасно предочил дека нема намера да го помилува Груевски во ниедна варијанта, при што додал: „ Ако сакате толку закон за амнестија, во парламент имате доволно мнозинство, терајте…“. Воедно, тој објасни дека вработен во кабинетот од „огнената група“ во ДУИ снимил дел од излагањето на Али Ахмети и притоа го спомена и Блерим Беџети, оценувајќи го сето тоа како контроверзна ситуација, со оглед дека Беџети подоцна се врати во ДУИ. Токму за сите овие детали пишуваше „Фокус“ уште кон крајот на 2024 година…

Кога „Фокус“ пред нецели 2 години ја објави сторијата која содржеше ексклузивни детали од неуспешната операција на тогашната влада на СДСМ и ДУИ за враќање во земјава на поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, речиси сите директни учесници во овој политички проект одлучија да молчат, со исклучок на одредени претставници на „интегративците“.

За потсетување, актуелниот потпретседател на ДУИ Бујар Османи, во обид да ги дискредитира и релативизира објавените информации, тогаш тврдеше дека текстот повеќе наликувал на сценарио за снимање на филм на „Нетфликс“, отколку на реален настан. Истовремено, со реакција се јави и актуелниот пратеник и поранешен градоначалник на Сарај Блерим Беџети, кој беше споменат во специфичен контекст.
– Advertisements –

Имено, според сознанијата до кои дојдовме од повеќе упатени извори, во претседателската вила на Водно се одржала средба на која присуствувале Стево Пендаровски, Димитар Ковачевски, Али Ахмети, Бојан Маричиќ, Артан Груби, Анџела Агелер, Дејвид Гир. Притоа, Ахмети посочил дека Груевски може да се врати на 2 начина – преку помилување од претседателот или преку судовите.

Всушност, како што обелоденивме кон крајот на 2024 година, ова бил најсензитивниот дел на средбата, кој бил пробиен од страна на рамковно вработен административец кој доаѓал од огранокот на ДУИ во Сарај, каде алфа и омега долги години беше и можеби се уште е Беџети. Па така, додека траеле разговорите, ова лице влегло во кабина на преведувач и успеал да го сними разговорот со телефон.

На тој начин, пишуваше „Фокус“, содржината од аудиоснимката завршува во тогаш опозициската ВМРО-ДПМНЕ на чело со Христијан Мицкоски, бидејќи во тоа време „огнените“ се во конфликт со Груби, Османи, па и со Ахмети… Токму поради овој дел реагираше Беџети, па дури и најави тужба за клевета. Се разбира, до тужба никогаш не дојде, бидејќи сите споменати лица, вклучително и тој, знаат дека се што беше објавено е точно и вистинито.

Со текот на времето, дел од директните учесници во фамозните разговори за враќање на Груевски, водени во контекст на уставните измени за вметнување на Бугарите во Уставот со цел отпочнување на преговори со ЕУ, јавно ги потврдија публикуваните информации. Еден од нив е тогашниот шеф на државата Пендаровски, кој вчера во интервју за „360 Степени“ потврди дека се одржала таква средба на која станало збор и за Груевски, откако претходно за истото говореше и во поткастот „Политиканти“. Воедно, тој го спомена и Беџети.

Откако ги изнесе своите размислувања во однос на „аферата“ со шпионажа во кабинетот на актуелната претседателка Гордана Сиљановска-Давкова, Пендаровски беше прашан дали може да извлече паралела меѓу овој и случајот во негово време, кога исто така имаше протекување на информации, со оглед дека била создадена и изнесена аудиоснимка од состанок во неговиот кабинет со државно-политичкиот врв и високи претставници на дипломатскиот кор?

– Стануваше збор за еден вработен во кабинетот кој бил припадник на огнената група, која беше зачетокот на ВЛЕН. Тој, гледајќи дека на состанокот доаѓа и Ахмети, од кабината на преведувачот успеал да сними неколку акценти од излагањето на Ахмети, за да може тоа партиски, политички да го употреби на другата страна, контрастраната од ДУИ… Потоа беше истеран од кабинетот – рече тој.

На прашање дали го суспендирал или самиот заминал кај Блерим Беџети во Сарај, одговори дека случајот бил третиран како дисциплинска повреда потешка од работниот однос и патем додаде: „Беше вратен таму и тоа беше практично. Сега да не испадне дека се шегувам на таа тема, меѓутоа во тоа беше пародијата… Беџети во тоа време беше дел од огнената група, подоцна се врати во ДУИ и беше малку една контроверзна ситуација…“

На тој начин, Пендаровски го споменува Беџети токму кога објаснува како, зошто и од кого се пробива средбата и како информациите стигнуваат во тогашниот опозициски табор, а воедно открива и како течеле разговорите за враќање на Груевски. Во таа насока, тој вели дека уште тогаш предочил дека нема никаква намера да го помилува експремиерот, кој доби азил во Унгарија и веќе неколку години живее во Будимпешта.

– Груевски во тој момент веќе има две правосилни пресуди и може да се врати само на два начина – ако јас го помилувам или ако донесат закон за амнестија во Собрание… И сега јас на почетокот, велам, ќе ми дозволите неколку позиции да објаснам… И меѓу другите работи велам: слушам дека некаде има шпекулации дека треба јас да го помилувам Груевски зашто така е најбрзо да ја завршиме работава, па тој ќе дојде, ќе ги убеди пратениците на ВМРО, извесна бројка и ќе се гласаат измените.

Јас реков на тоа да не смета никој, Груевски во ниедна варијанта немам намера да го помилувам. Ако сакате толку закон за амнестија, во парламент имате доволно мнозинство, терајте… Средбата е како до уставни промени. Што мислите вие, прашуваа странците. И тие даваа свои предлози, да не откривам детали, значи и Агелер и Гир даваа свои предлози како полесно до таа варијанта или прашуваа, а зошто не би направиле вака? – објасни Пендаровски.

- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404фановикако
61,453претплатницисе претплатите
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img