Иранскиот претседател – Масуд Пезешкијан денес повтори дека Иран не работи на развој на нуклеарно оружје, обвинувајќи го Израел за регионалната нестабилност.
Зборувајќи за тековните преговори меѓу Иран и Соединетите Американски Држави, тој рече дека Иран не учествува во дипломатија што вклучува понижување, пренесува ISNA.
– Ако застанеме заедно против најсилната сила во светот, мора да прифатиме дека ќе има тешкотии, не можеме да се бориме и да очекуваме процесот да биде нормален како порано – рече Пезешкијан.
Американскиот портал Аксиос претходно денес објави, повикувајќи се на американски претставници, дека преговарачите на САД и Иран постигнале договор за меморандум за разбирање со кој ќе се продолжи прекинот на огнот за 60 дена и ќе се започнат преговори за нуклеарната програма на Иран.
Порталот наведува дека американскиот претседател Доналд Трамп сè уште не дал конечно одобрение за договорот.








