Фудбалскиот клуб Скопје повторно е прволигаш. Тимот од Автокоманда успеа да ја заокружи успешната сезона со победа од 0:1 над Брера Струмица во бараж натпреварот одигран на стадионот „Петар Милошевски“, со што обезбеди враќање во Првата македонска фудбалска лига по пауза од две сезони.
Скопје првенството го заврши на второто место во Втората лига, а билетот за елитното друштво го обезбеди преку баражот, во кој покажа карактер, квалитет и голема желба за успех.
По остварениот пласман во Првата лига, за Спортска Мрежа свој коментар даде фудбалерот на Скопје, Јорго Папули.
„После вчерашниот натпревар дефинитивно можеме да ја заокружиме сезоната како успешна, бидејќи од почетокот целта на клубот беше влез во Првата лига. Во вториот дел од сезоната со доаѓањето на неколку искусни играчи кои дадоа голем придонес за овој успех нивото на екипата се крена на едно повисоко ниво. Да, го посакувавме првото место на кое бевме на делба со директниот конкурент Брегалница до самиот крај на првенството.“
Папули истакна дека и покрај тоа што Скопје не успеа директно да обезбеди промоција, тимот бил максимално подготвен за баражот и решен да ја исполни целта.
„Судбината одлучи за нашата сезона да решаваме преку бараж натпревар – финале за нас. Во натпреварот влеговме максимално мотивирано, одлучни да ја оствариме зацртаната цел и можам да кажам дека повеќе ја посакувавме победата од противникот. Ова е успех на сите нас фудбалерите, стручниот штаб и управата на клубот“, изјави Папули за Спортска Мрежа.
Со триумфот над Брера Струмица, Скопје ја оствари својата главна цел за сезоната и од следната натпреварувачка година повторно ќе биде дел од најсилното фудбалско друштво во Македонија.
Успехот е резултат на заедничката работа на фудбалерите, стручниот штаб предводен од Александар Таневски и клупското раководство, а во Автокоманда веќе ќе можат да ги насочат погледите кон предизвиците што ги носи настапот во Првата лига.








