По двата случаи на западно-нилска треска на инфективната клиника потврден е и случај на маларија. Станува збор за пациент кој патувал во Занзибар. Откако пројавил симптоми на висока температура и треска веднаш се јавил на клиниката каде бил задржан на болничко лекување.
„Поради тоа што престојувал на тоа место директно се јавил на инфективната клиника, по прегледот и иследувањата од страна на дежурниот лекар потврдена е маларија – моментално е стабилен, нормално дека има епизоди на треска, но доброто е што навреме се јавил и очекуваме текот на лекувањето да биде успешен“
Ако не се реагира навреме маларијата може да биде опасна и да даде тешки компликации – предупредуваат лекарите и апелираат особено до граѓаните кои патуваат да бидат внимателни и ако пројават симптоми веднаш да се јават на лекар.
„Имајќи предвид дека сега е летна сезона и тоа се вообичаени болести особено во современиот свет што сега доста се патува особено во тропски подрачја треба да се има предвид ако пројават температура, треска, општа омалаксаност веднаш треба да се јават на лекар за да се провери дали е поврзано со престојот или е можеби друго заболување и навреме да се дијагностицира за сите овие заболувања навреме ако се оди не лекар исходот би требало да е позитивен“…
Двајцата пациенти кај кои претходно беше потврдена западно-нилска треска се уште се на лекување на клиниката, но и двајцата се во добра состојба и наскоро ќе бидат пуштени дома.






