Општина Битола објави јавен повик за поддршка на програмски активности и настани на културно-уметничките друштва (КУД), со цел зачувување и афирмација на македонската традиција и фолклор.
Како дел од Програмата за култура за 2026 година, општината предвидува финансиска поддршка за проекти кои ќе придонесат за развој, презентација и пренесување на материјалното и нематеријалното културно наследство, како и за поголема вклученост на младите во негувањето на традицијата.
Вкупниот буџет за овој повик изнесува 1.450.000 денари, а средствата ќе се распределуваат за кофинансирање на активности и настани што ќе се реализираат најдоцна до 31 декември 2026 година.
Право на учество имаат сите културно-уметнички друштва – здруженија на граѓани од областа на фолклорот, кои имаат седиште во Општина Битола и чии основни цели се развој, унапредување и промоција на традицијата, како и формирање секции за изучување и негување на фолклорните вредности.
Јавниот повик е отворен од 2 април до 17 април 2026 година до 15:30 часот, а заинтересираните субјекти можат да аплицираат согласно условите утврдени од Општината.
Со оваа мерка, Општина Битола продолжува со поддршка на културниот сектор и вложува во зачувување на традицијата како значаен дел од локалниот и националниот идентитет.








