домаМакедонијаОпозициските пратеници ја напуштија седницата за реконструкција на Владата, Гаши даде нова...

Опозициските пратеници ја напуштија седницата за реконструкција на Владата, Гаши даде нова едночасовна пауза

- Advertisement -spot_img

Пратениците од редовите на Алијанса за Албанците, Демократската унија за интеграција и Социјалдемократскиот сојуз на Македонија ја напуштија собраниската седница посветена на реконструкцијата на Владата по втората пауза за координација на пратеничките групи, поради, како што беше посочено, инцидент во кој предложен министер се однесувал навредливо кон опозициските пратеници.

Напуштањето на пленарната сала следеше по одржаната собраниска координација, по која пратениците од опозицијата изразија незадоволство бидејќи не добија јавно извинување од предложениот кандидат за министер Иван Стоиљковиќ, ниту осуда од страна на премиерот.

Реакции следеа и за начинот на кој претседателот на Собранието Африм Гаши ги презентирал заклучоците од одржаната координација.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, изјави дека на координацијата предложиле претседателот на Собранието јавно да го осуди однесувањето на кандидатот за министер.

– Предложивме на координацијата претседателе да има заклучок во којшто ќе го осудиме, односно нема да го одобриме конкретно однесувањето на кандидатот за министер Иван Стоилковиќ, а не за сите присутни во салата… За ниту еден друг не е реагирано на таа координација. И од тој аспект рековме да направиме заклучок, претседателот да го прочита и тоа да биде излезната варијанта… Но, на ваше инсистирање вие рековте „не, јас ќе го соопштам тоа во име на владејачкото мнозинство.“ И сѐ е тоа во ред. И тоа требаше да го потенцирате, заради кого е проблемот – посочи координаторот на СДСМ, Оливер Спасовски.

Пратеникот од редовите на Алијанса за Албанците, Халил Снопче во процедурално обраќање истакна дека дел од пратениците биле исклучени од координацијата и најави дека и тие ја напуштаат седницата.

– Побарав процедурално за нормалниот тек на седницата, за кандидатот за министер Иван Стоилковиќ јавно да им се извини на пратениците и за да ја продолжиме седницата нормално. Се направи координација и, за жал, претседателот не најде за сходно да нѐ повика и нас. Ние бевме исклучени од таа координација, а бидејќи пцуењето на Иван Стоилковиќ беше насочено кон сите опозициски пратеници, а ние бевме надвор од таа координација, односно не присуствувавме, ние не знаеме што се договорило таму на таа координација – рече Снопче.

Додаде дека пратениците немаат гаранција дека ќе се воздржат од реакции доколку останат во салата.

– Претседателот Гаши неколкупати рече да ги смириме тензиите, меѓутоа, нормално, претседателе, не можеме да ги смириме тензиите на овој начин. Меѓутоа, сепак, ние ќе дадеме еден мал придонес. Бидејќи, ако останеме на оваа седница со ова инсистирање да се продолжи дискусијата по оваа седница без јавно извинување од страна на Иван Стоилковиќ, тогаш не можеме да гарантираме дека ние ќе се воздржиме од какви било реакции. Бидејќи нема гаранција како ќе се однесуваме, замислете, опцуени сме, кандидат за министер нѐ опцу сите опозициски пратеници … Ние ќе дадеме самите придонес за да се смират страстите, ќе ја напуштиме од оваа седница – рече Снопче.

На седницата, од страна на пратеничката група на ДУИ беше посочено дека Стоилковиќ се однесувал некоректно кон опозициските пратеници, иако бил предложен за министер од страна на премиерот. Изразија незадоволство што ниту премиерот, ниту координаторот на мнозинството не се дистанцирале од инцидентот.

По напуштањето на пратениците од СДСМ, ДУИ и Алијанса за Албанците, се обрати лидерот на Левица, Димитар Апасиев, којшто во своето обраќање истакна дека биле сведоци на еден инцидент, кој, како што рече е плод на тоа што го донеле „швајцарски етички кодекс“.

– Се шетавте со СДС по Швајцарија за да го изгласате, а на крајот се испотепавте денеска. Затоа е странски. Сè што странците ви финансираат, а вие одите како попчиња — еве, вака ќе заврши. Сакам да ги поздравам министрите. Не знам по протокол како е, претседателе, но јас не се сеќавам дека кандидати за министри седеле во сала и провоцирале. Тие сè уште не се избрани. Што, по ѓаволите, бараат да седат во сала? Обично седат или во галерија или надвор. Не се избрани луѓе за да седат на местото на министрите. Можеби ќе ги изберете денеска – рече Апасиев.

Експозето на премиерот го нарече „убаво спакувано текстче, меѓутоа стерилно и сосема бескрвно“.

– Така ги учам и студентите дека во реториката можете сè да одглумите: можете да бидете плашливи и да глумите храбри; можете да бидете нечесни и да глумите чесни. Но искреноста не можете да ја одглумите, бидејќи можете да се лажете себеси, но не и сопствениот организам. Имате убав говор со лоша глума. Тоа Грците го викале панегирик, а словенскиот термин е хвалоспев. Ем ги фалите луѓето што ги разрешувате, ем ги разрешувате. Јас не можам да ве сфатам. Мислам дека доволен шамар беше тоа што едвај 62 пратеници, како што ги избравте, ви го гласаа дневниот ред. И тоа што менувате повеќе од една третина од тимот ви кажува повеќе дека проблемот е до селекторот, отколку до тимот. Значи, со истиве вакви хвалоспеви, кога ги биравме луѓево пред две години, исто за нив зборувавте благонадежно. Општа констатација е дека Ромите остануваат статисти, а жените, во духот на демохристијанството, се запоставени. Нив ги нема никаде, а доминираат мажјаците – рече Апасиев, по што претседателот на Собранието, Гаши, даде нова пауза со времетраење од еден час.

- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404фановикако
61,453претплатницисе претплатите
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img