Собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска треба да ја продолжи амандманската расправа за Предлог-буџетот за 2027 година, за кој се поднесени вкупно 400 амандмани од овластени предлагачи.
На вчерашното продолжение на седницата беа разгледани 12 амандмани поднесени од опозициските партии, кои не добија поддршка од Комисијата. Дел од нив се однесуваа на обезбедување дополнителни средства за активности поврзани со заштитата на Охридскиот Регион, изработка на детални урбанистички планови, зајакнување на капацитетите на Државниот инспекторат за животна средина, како и за реализација на инфраструктурни и еколошки проекти во повеќе општини.
Разгледани беа и амандмани за доизградба на колекторскиот систем и пречистителна станица во Крива Паланка, набавка на комунална механизација за општините Карпош и Куманово, како и за уредување на речни корита во липковските села Матејче, Оризари и Слупчане.
Заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски, образложувајќи го отфрлањето на дел од амандманите, посочи дека предложените активности веќе се предвидени и ќе се реализираат во рамки на постојните буџетски средства и програми на Владата.
Во Предлог-буџетот за 2027 година вкупните приходи се планирани на 395,4 милијарди денари, што е за 5,7 проценти повеќе во однос на годинава, додека расходите се проектирани на 440,4 милијарди денари или за 4,8 проценти повеќе во споредба со 2026 година.
Буџетскиот дефицит е проектиран на 45 милијарди денари, односно 3,5 проценти од БДП, а за капитални инвестиции се планирани 40,8 милијарди денари. Даночните приходи се проектирани на 223,1 милијарди денари, додека за социјални трансфери се предвидени 220,8 милијарди денари, од кои 123,8 милијарди денари за исплата на пензии.






