Македонија за првпат ќе биде дел од регионалниот проект „Спортските игри за млади“, кој ги обединува децата од целиот Балкан преку спорт, пријателство и здрави навики. Настанот се реализира под покровителство на Министерството за спорт, а земјава со тоа се приклучува на спортското семејство во кое веќе учествуваат Хрватска,

Словенија, Србија и Босна и Херцеговина.
По тој повод, во Владата премиерот Христијан Мицкоски организираше прием за спортските федерации што го поддржуваат проектот. На средбата присуствуваше и претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Масар Омерагиќ, кој заедно со селекторот на А репрезентацијата ја претставуваше ФФМ.
Во својата објава, Омерагиќ истакна дека ФФМ целосно стои зад иницијативата и ја нагласи важноста на спортот како алатка за поврзување на младите.

„Чест ми беше што ја претставувавме ФФМ и дадовме поддршка на овој значаен проект. Верувам дека преку вакви иницијативи создаваме нови пријателства, градиме здрави навики и испраќаме силна порака дека спортот обединува. Децата се нашата иднина, а спортот е нивниот најубав пат кон успехот“, порача Омерагиќ.
„Спортските игри за млади“ се еден од најмасовните аматерски спортски настани за деца во регионот, со илјадници учесници и натпревари во повеќе дисциплини. Со приклучувањето на Македонија, младите спортисти ќе добијат нова можност за натпреварување, дружење и развој во духот на фер-плејот и регионалната соработка.








