домаМакедонијаНово сведоштво на родилка од Охрид: Директорот на охридската болница не ја...

Ново сведоштво на родилка од Охрид: Директорот на охридската болница не ја прегледал и ја пуштил дома, три недели подоцна завршила на итен царски рез

- Advertisement -spot_img

Јована Мојсоска од Левица објави ново сведоштво на родилка за третманот во Општата болница во Охрид и повторно го отвори прашањето за работата на директорот д-р Горан Марковски и за евентуален вонреден инспекциски надзор во установата.

Мојсоска реагира откако Марковски, во врска со случајот што претходно излезе во јавноста, тврдеше дека биле запазени процедурите. Таа наведува дека во меѓувреме пристигнуваат и други сведоштва од пациенти за условите и третманот во болницата.

„Дали партиските заслуги на поранешниот советник во Советот на Општина Охрид, а сега директор на болницата, се доволна причина Министерството за здравство и министерот Клековски да не иницираат вонреден инспекциски надзор во охридската болница?“, прашува Мојсоска.

Како дел од објавата, таа пренесе сведоштво на жена која се породила во охридската болница и која тврди дека имала повеќе ситуации во кои не добила лекарска проценка, информации или насоки што ги очекувала.

Според нејзиното сведоштво, три недели пред породувањето се јавила во болницата поради намалени движења на плодот. Таа наведува дека била ставена на CTG и дека биле забележани промени во пулсот на бебето при контракциите. Дежурен таа вечер, според неа, бил директорот д-р Горан Марковски.

Родилката нагласува дека акушерките имале професионален и коректен однос кон неа, но тврди дека Марковски не дошол лично да ја прегледа ниту разговарал со неа. Според информациите што ги добила, тој го прочитал CTG-наодот и проценил дека е во ред, по што таа била пуштена дома.

Три недели подоцна, жената повторно била примена во истата болница, каде што, како што наведува, CTG покажал сериозно опаѓање на пулсот на бебето при контракциите. Лекарскиот тим тогаш донел одлука за итен царски рез поради фетален дистрес.

Таа вели дека токму оваа последователност на настаните кај неа отворила прашање дали при првото јавување требало да биде направена дополнителна лекарска проценка.

Родилката нагласува дека самото породување поминало добро и дека не ја оспорува работата на тимот кој ја извршил интервенцијата. Сепак, тврди дека проблемите продолжиле при нејзиниот отпуст од болницата.

Според нејзиното сведоштво, Марковски ја вршел утринската визита на денот кога требало да биде пуштена дома, но таа тврди дека не добила детални прашања за нејзината здравствена состојба, болките, оперативната рана или евентуалните други тегоби.

Дополнително, жената наведува дека при отпустот не добила јасни информации за понатамошната терапија, контролите, следењето на оперативната рана и домашната постоперативна нега. Таа тврди и дека не била информирана дека треба да прима Клексан, ниту била упатена да направи контрола на D-димерите.

Според нејзиното сведоштво, околу една недела подоцна нејзиниот сопруг и мајка случајно разговарале со докторка од болницата, која прашала како ја поднесува терапијата со Клексан. Откако дознала дека родилката воопшто не прима таква терапија, докторката ја упатила да направи дополнителни анализи.

Жената тврди дека резултатот покажал вредност на D-димерите над 3.000, по што ѝ била препишана терапија со Клексан двапати дневно.

Таа самата во сведоштвото нагласува дека не може да утврди дали контролата на D-димерите или терапијата со Клексан биле задолжителни според медицинскиот протокол во нејзиниот конкретен случај. Сепак, смета дека како пациентка по итен царски рез требало да добие јасни информации за тоа кои анализи, терапии и контроли ѝ се потребни по напуштањето на болницата.

„Како родилка, очекував основна медицинска сигурност: кога ќе се јавам поради намалени движења на плодот, да бидам соодветно прегледана и проценета; кога ќе имам итен царски рез поради фетален дистрес, по операцијата да бидам внимателно следена; а при отпустот да добијам јасни информации за терапијата, потребните анализи, контролите и домашната нега“, наведува жената во сведоштвото што го објави Мојсоска.

Мојсоска, пак, бара реакција од Министерството за здравство и отвора прашање дали по сведоштвата што излегуваат во јавност треба да биде спроведен вонреден инспекциски надзор во Општата болница во Охрид.

Во објавата таа го критикува и управувањето со јавното здравство, наведувајќи дека само во 2025 година граѓаните оставиле повеќе од 100 милиони евра во приватните болници.

- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404фановикако
61,453претплатницисе претплатите
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img