На ова рочиште во судницата во Идризово од страна на Обвинителството беа презентирани докази за Агенцијата за обезбедување „Рубикон“ којашто била ангажирана за обезбедување на објектот.
Дозвола за работа, список на вработени и документација од претресите во Агенцијата приложи обвинителството. Според обвинителите, тројца од ангажираните лица поседувале лиценца за обезбедување, додека едно лице немало. На рочиштето, одбраната на обвинетиот Александар Нацев побара да не се изведуваат доказите од анализите на крв и урина како незаконити и нерелевантни за предметот.
Според одбраната спорно беше и тврдењето на обвинителството за неформалниот сопственик Нацев којшто се јавува само на неколку документи со свој потпис. Според нив тој никаде не фигурира во централниот регистар.
Одбраната тврди дека одредени докази кои им одат во прилог биле обезбедени во текот на истрагата, но не биле презентирани од страна на Обвинителството.
Забелешки имаа и поранешните директори на дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), шаман Салиу и Аднан Џаферовски, кои во своите излагања потенцираа дека од изведените материјали не произлегува нивна кривична одговорност за мандатите во периодот од 2012 до 2021 година.








