Граѓанската иницијатива „Ниту една повеќе“, денеска објави „ЖЕНСКИ ПРОГЛАС“ забрани партизирање на нивните протести.
Преку социјалните мрежи „Ниту една повеќе“ упати повик за граѓанско учество на протестите против насилството и системската негрижа, истовремено барајќи партиските членови и актуелните и поранешните државни функционери да не ги користат протестите за партиски цели.
Во соопштението, насловено „Женски проглас“, иницијативата наведува дека не сака феминистичкиот отпор да се претвора во „квази-партиски декор“ за политички интереси. Пораката е насочена кон партиските структури, поранешните и сегашните министри и премиери, како и кон претставниците на институциите.
„Ниту една повеќе“ ги повикува граѓаните и граѓанките кои се чувствуваат обесправени, понижени и разочарани од институционалната негрижа да излезат на улица и да побараат правда и слобода.
„Ние сме слободата“, порачува иницијативата, повикувајќи на солидарност, непокорност и отпор кон, како што наведува, празните ветувања и системската негрижа.
Соопштението завршува со антифашистичкиот слоган „Смрт на фашизмот, слобода на народот!“ и пораката „Ниту една повеќе!“.
Иницијативата „Ниту една повеќе“ е формирана од млади независни активистки и активисти за женски права, а оваа објава ја нема на каналите на женските организации кои се активни против фемицидите и кои деновиве активно се вклучија со кампањата „16 дена активизам“ со повик за мораториум на свечености, конференции и симболични кампањи.
„Ниту една повеќе“ со „Женски проглас“ забрани партизирање на нивните протести






