Министерот за односи меѓу заедниците, г. Агон Ферати оствари средба со амбасадорката на Обединетото Кралство во Северна Македонија, Сивагнанам, на која разговараа за важноста од зајакнување на соработката, вклучувањето на сите заедници во значајните процеси во земјата, како и за градењето на општествена и политичка кохезија.
На средбата стана збор и за натамошниот развој на билатералните односи, со посебен акцент на областа на безбедноста, соработката во рамките на НАТО и размената на искуства во справувањето со современите предизвици.
Министерот Ферати ја информираше амбасадорката за текот на изработката на новата Стратегија за интеркултурализам и општествена кохезија, која се спроведува како инклузивен процес, со учество на граѓанското општество, медиумите, академската заедница и другите релевантни чинители во земјата, со поддршка на ОБСЕ.
Соговорниците ја истакнаа и важноста од зајакнување на улогата на младите и зголемување на нивното учество во општествените и институционалните процеси. Беше оценето дека создавањето повеќе можности за младите може да придонесе за економскиот развој и спречувањето на иселувањето, паралелно со потребата од унапредување на квалитетот на образованието.
Посебно внимание беше посветено на заштитата и унапредувањето на правата на етничките заедници, како и на остварувањето на стратешките цели на Северна Македонија во соработка со нејзините традиционални партнери, меѓу кои и Обединетото Кралство.
Средбата ја потврди важноста од продолжување на дијалогот и соработката меѓу двете земји во интерес на безбедноста, инклузивноста и општествената кохезија.






