Автопатот Кичево – Охрид, еден од најдолгите и најконтроверзни инфраструктурни проекти во државата, треба целосно да биде завршен до крајот на оваа или почетокот на следната година, најави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во гостување во поткастот „Ноќно студио“.
Според Николоски, Владата затекнала проект во сериозен застој, без активна реализација на терен и без изграден асфалт на клучните делници.
„Ако тргнувате од Кичево, тогаш на крајот на оваа година или почетокот на следната година автопатот ќе биде завршен. Кога бевме изгласани како Влада имаше нула метри асфалт“, изјави Николоски.
Тој посочи дека интензивната работа на терен започнала дури од октомври 2024 година и дека за година и половина биле реализирани повеќе активности отколку во целиот претходен период.
Министерот откри и дека проектот се соочил со сериозни финансиски проблеми, откако кинеската ЕКСИМ банка одбила да одобри дополнителни 175 милиони евра потребни за продолжување на изградбата.
Според Николоски, образложението било дека претходната влада испратила допис во кој било наведено дека нема потреба од дополнителни средства.
„Точно е дека тогаш не биле потребни средства, затоа што не се работело. Но кога ние ја засиливме динамиката, се соочивме со класична опструкција од финансиерот“, рече Николоски.
Тој додаде дека Владата, заедно со премиерот и министерката за финансии, подготвила алтернативно решение преку синдициран заем од домашните комерцијални банки, со што било избегнато дополнително пролонгирање на проектот.
„Тоа беше голем удар за проектот, но не дозволивме да се почувствува во реализацијата“, нагласи вицепремиерот.
Во однос на цената, Николоски истакна дека проценетата вредност на автопатот изнесува околу 13,5 милиони евра по километар и оцени дека и покрај бројните проблеми, ова и понатаму е најевтиниот автопат што моментално се гради во Македонија и регионот.
Изградбата на автопатот Охрид–Кичево со години беше предмет на критики, пролонгирања и дополнителни анекси, а јавноста долго време бараше конкретен рок за негово конечно завршување.








