домаМакедонијаНема да има поштедени во истрагата за Гостивар, вели Тошковски

Нема да има поштедени во истрагата за Гостивар, вели Тошковски

- Advertisement -spot_img

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска од Гостивар порача дека одговорност ќе сноси секој што со дејствување или со пропуштање да постапи согласно законските обврски придонел за загадувањето на водата во градот. Тој истакна дека во рамките на истрагата, по наредба на Јавното обвинителство, веќе се преземаат бројни истражни дејствија, а на информативен разговор се повикани повеќе лица.

Тошковски, кој е и раководител на Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи, по состанокот на Централниот кризен штаб во Гостивар, нагласи дека никој нема да биде поштеден доколку се утврди дека има вина.

– Одговорност ќе се побара од секој за кого ќе се утврди дека, без разлика дали со дејствување или со пропуштање да постапи согласно законските обврски, придонел за оваа состојба. Тоа го кажав и вчера. Секој што сторил нешто што не требало да го стори или не сторил нешто што бил должен да го направи, а за кого ќе се утврди директна или индиректна вина, ќе одговара – изјави Тошковски, одговарајќи на новинарски прашања.

Тој потенцираше дека постапката ќе се води исклучиво согласно законските процедури.

– Ние сме должни да ја утврдиме одговорноста, но во рамките на законска постапка, со почитување на сите правила, а не како да сме на Див Запад – рече министерот.

Осврнувајќи се на прашањето како анализите на водата во претходниот период не покажале отстапувања, Тошковски истакна дека токму тоа е предмет на истрагата.

– Ниту јас, ниту вие, ниту луѓето што сме денеска овде не сме во Гостивар затоа што сè е во ред, туку затоа што имаме сериозен проблем што треба да го решиме. Паралелно работиме на нормализирање на водоснабдувањето – најпрво со техничка вода, а потоа и со безбедна вода за пиење, но и на утврдување на одговорност. Секој што се огрешил треба да одговара. Тоа треба да биде поука за сите, особено кога станува збор за здравјето и животот на граѓаните – нагласи Тошковски.

Министерот порача дека мора да се стави крај на, како што рече, паушалното работење и да се воспостават јасни процедури и стандарди.

– Еднаш засекогаш мора да воспоставиме систем со јасни правила и процедури што ќе гарантираат безбедност и квалитет во интерес на граѓаните. Ако така работиме во иднина, нема да се соочуваме со вакви кризи. Ако продолжиме како досега, повторно ќе ги имаме истите проблеми и нема да сме научиле ништо од ова искуство – истакна Тошковски.

Тој додаде дека Министерството за внатрешни работи, Јавното обвинителство и сите надлежни институции ќе ја завршат својата работа до крај.

– Министерството за внатрешни работи, Јавното обвинителство и сите истражни органи што работат на случајот ќе ги преземат сите неопходни дејствија за да се утврди фактичката состојба и да се обезбеди правда. Досега многупати покажавме дека кога има волја, резултатите не изостануваат. Така ќе биде и во овој случај – порача министерот.

Во меѓувреме, Основниот суд во Гостивар им одреди 30-дневен притвор на тројцата осомничени во истрагата за загадувањето на водата. Станува збор за Артан Асани, Леон Уредини и Вадедин Дервиши, лица на раководни позиции во Јавното комунално претпријатие во Гостивар, кои се осомничени во истрагата поврзана со епидемијата предизвикана од загадената вода за пиење.

- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404фановикако
61,453претплатницисе претплатите
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img