Епидемија на насилство врз жени. Дванаесет фемициди во последните три години во земјава, а во 2025-та четири. Активистите бараат итни мерки за заштита и превенција, поголема меѓусекторска соработка. Алармираат – насилството врз жените не е приватна работа, туку сериозен општествен проблем.
Почнува светската кампања „16 дена активизам против родово базирано насилство“. И покрај декларации, законски измени, активности, проблемот со насилството не само што останува туку се трансформира во агресија, вели претседателката Сиљановска-Давкова.
Од Социјала велат, годинава има 1.260 нови случаи на семејно насилство, а во моментов се работи на осумгодишна национална стратегија.
Статистиката на МВР за 2024-та брои пет убиства, пет сторители и седум жртви, а за 2025-та четири убиства, четири сторители и пет жртви.
Според Обединетите нации на секои десет минути животот го губи една жена или девојка, убиена од својот партнер или од член на семејството.








