Eпидемиологот д-р Драган Даниловски вели дека доколку правилно се применуваат методите на заштита, може да се минимизираат ризиците од западнонилска треска, но и од други болести што се пренесуваат преку комарците.
Поради тоа што тигрестиот комарец се размножува и во многу мали количини вода, тој препорачува луѓето да не чуваат застоена вода околу домовите.
„Најголем ризик за тешка форма на западнонилска треска имаат постарите лица, хронично болните, оние со ослабен имунитет… Личната заштита многупати е споменувана – потребни се: соодветна облека и мрежи на прозорците. Многу битно е отстранувањето на онаа застоена вода околу домовите, на пример за луѓе кои живеат во куќи со дворови. Сигурно имаат стари автомобилски гуми – тие секогаш се полни со вода којашто којзнае колку долго стои таму. Тоа е рај за размножување на комарците“, нагласи докторот во интервју за ТВ Телма.
Епидемиологот Даниловски посочи на симптомите на западнонилска треска – висока температура, силна главоболка, кочење на вратот, дури нарушена свест, парализа.
Најголем дел од пациентите сo западнонилска треска се од Скопскиот регион и Велес.






