На денот кога Владимир Блажев – Панчо ќе го прославеше својот 47. роденден, 29 јули, неговите пријатели, соседи и почитувачи му оддадоа почит со откривање мурал со неговиот лик пред зградата во која живееше во скопската населба Аеродром.
Настанот беше одбележан со маалска дружба и музика, а бројни блиски луѓе се собраа за да се потсетат на заедничките моменти со еден од најомилените македонски музичари.
Од издавачката куќа „Шур шотц“, чиј соосновач беше и Панчо, споделија фотографии од откривањето на муралот и порачаа дека се надеваат оти ова собирање ќе прерасне во традиција.
„Денес, на денот на роденденот на Панчо, за првпат се прикажа мурал со неговиот лик пред зградата во која живееше. Преку маалска дружба и музика, се потсетивме на него и убавите заеднички моменти. Фала им на дечките од Аеродром за иницијативата и изработката на муралот, и се надеваме дека оваа собиранка ќе ни прерасне во традиција“, напишаа тие, завршувајќи ја објавата со пораката: „Засекогаш П“.
За да го одбележат денот на неговото раѓање, неговите соработници од „Шур шотц“ објавија и негова фотографија на Инстаграм.
„Среќен роденден, стари. Фалиш…“, напишаа тие.






