На територијата на Град Скопје има само еден активен пожар на отворен простор кој пред два дена од косовска страна навлезе на македонска страна кај село Грачани, општина Ѓорче Петров, информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
Тој додава дека пожарот не загрозува населени места, горат пред се трева, грмушки и ниски смреки кои создаваат силен пламен и уште посилен чад. На некои места пожарот се движи ниско по земја низ мешовита шума.
„Во среда покрај скопските пожарникари во гаснењето учествуваа и два ер трактори на ДЗС. Вчера (четврток) еден македонски полициски хеликоптер помогна на косовските противпожарни служби гаснејќи од косовска страна каде пожарот беше поинтезивен бидејки се работи за ист пожар кој е активен од двете страни на границата. Скопските пожарникари гаснеа од македонска страна“, вели Ангелов.
Синоќа ветрот дувал во насока на Скопје и чадот од пожарот кој е активен и на косовска и на македонска територија, можеше да се почувствува над неколку скопски населби.
„Тоа е истиот оној чад кој сите ние кои работиме на гаснење на пожари на отворен простор го вдишуваме секојдневно, од непосредна близина, во неспоредливо поголема концетрација. Скопските пожарникари во текот на целата ноќ беа на делови од линијата на пожарот но поради тешко пристапниот терен гаснењето во текот на ноќта беше отежнато или невозможно“, рече Ангелов.
Тој најави дека утрово продолжува гаснењето со засилен број на пожарникари, а воздушна поддршка ќе им дадат два „ер трактори“ на ДЗС, еден полициски и еден армиски хеликоптер.






