Постапката за преземање банка во Македонија подразбира сериозни проверки на финансиската состојба, вистинската сопственичка структура и кредибилитетот на потенцијалниот инвеститор. Сепак, покрај исполнувањето на формалните законски критериуми, неопходно е институциите да располагаат и со дополнителни информации за евентуалните репутациски ризици. Ова го истакна Кирил Миноски во гостувањето во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.
Говорејќи за преземањето на поранешната Стопанска банка Битола од страна на Алта банка, Миноски објасни дека ваквите постапки се сложени и вклучуваат повеќе надлежни институции, објави 4news.mk
Според него, покрај супервизијата на Народната банка, во процесот се вклучуваат и институциите надлежни за финансиско разузнавање, спречување перење пари и Комисијата за хартии од вредност.
„Во тој процес се проверува кој е вистинскиот сопственик на финансиската институција или банката која сака да стекне квалификувано мнозинство, каков е неговиот кредибилитет, каков е планот за развој на банката и дали располага со доволно финансиски средства“, објасни Миноски.
Тој нагласи дека овие проверки се неопходни за да се обезбеди долгорочна стабилност на банката и заштита на депозитите на граѓаните и компаниите.
Меѓутоа, според него, не е доволно инвеститорот само формално да ги исполнува пропишаните услови.
„Многу е битен и репутацискиот елемент. Покрај формалните критериуми, треба да се провери дали постојат други информации поврзани со сопствениците кои евентуално би ја довеле во прашање репутацијата на оној кој сака да стане квалификуван акционер“, истакна Миноски.
Тој посочи дека современите финансиски институции при проценката на ризиците користат и дополнителни извори на информации, со цел да добијат поцелосна слика за однесувањето и кредибилитетот на клиентите и инвеститорите.
Според Миноски, сличен пристап треба да имаат и регулаторните институции при одобрувањето преземања во банкарскиот сектор.
„Безбедноста на банкарскиот сектор не е само финансиско прашање, туку генерално е и прашање на безбедноста на една држава“, нагласи Миноски.






