9.8 C
Skopje
7 November, 2025

Мапа

независен информативен портал
spot_img
HomeМакедонијаМинчев: Македонија е дел од европското семејство и реформите во јавната администрација...

Минчев: Македонија е дел од европското семејство и реформите во јавната администрација се клучен дел од процесот

- Advertisement -spot_img

Македонија е дел од европското семејство и реформите во јавната администрација се клучен дел од тој процес, истакна министерот за јавна администрација Горан Минчев на денешниот настан, генерички обуки за административни службеници – „Инвестицијата во административните службеници е инвестиција во иднината на јавниот сектор“, што се одржува во Скопје.

Тој рече дека во срцето на јавната администрација се крие иднината на нашата држава.

„Реформите што Министертвото за јавна администрација ги води, не се само зборови на хартија, тие се дела, тие се реалност, тие ја менуваат секоја институција, го менуваат секојдневието на граѓаните и го градат патот кон модерна, професионална Македонија. Свесни сме дека во јавноста често се слушаат стереотипи – дека администрацијата е голема, неефикасна, бавна. Но, јас денес сакам да истакнам нешто друго“, подвлече Минчев.

Администрацијата, истакна тој, е крвотокот на државата. Без неа, додаде, државата не би можела да функционира ниту еден ден.

„Замислете држава без учител кој ја пополнува наставната евиденција, без матичар кој издава извод од родени, без инспектор кој проверува дали е безбедна храната што ја јадеме, без службеник кој издава документ за градење, без човек кој седи зад шалтер и им помага на граѓаните. Тоа е администрацијата. Тоа е државата во секојдневието на секој граѓанин. И токму затоа, зборуваме за мисија. Зборуваме за луѓе кои ја носат државата на своите плеќи. Зборуваме за тоа каква држава ќе им оставиме на младите генерации“, нагласи Минчев.

Министерот рече дека денес Министерството за јавна администрација за првпат реално отпочнува со спроведување на генеричките обуки за административните службеници.

„Тоа значи дека повеќе не зборуваме во идно време, туку во сегашно. Обуките започнаа. Службениците учат. Институциите се движат напред. Ова е доказ дека реформите што ги водиме имаат конкретен резултат“, истакна министерот.

Генеричките обуки, како што потенцираше, се темелот врз кој ќе се изгради секоја професионална администрација.

„Тие се првиот чекор кон создавање службеници што ќе ја познаваат суштината на јавната служба, професионалност, етика, одговорност, транспарентност. Без овие основни вредности, ниту еден закон, ниту една стратегија, ниту една визија нема да може да се реализира“, додаде Минчев.

Но, она што е особено важно, како што истакна, е дека овие обуки не се само за административните службеници – тие, пред сѐ, се за граѓаните.

„Секое ново знаење што ќе го стекне еден службеник ќе значи побрза постапка, појасна информација, пократок ред и поедноставена услуга. Нашата цел е секој граѓанин да почувствува дека институциите работат за него – дека документите се добиваат без непотребно чекање, дека процесите се транспарентни и дека државата е партнер, а не пречка. Со овие обуки ние инвестираме во луѓето кои секојдневно ви служат вам, затоа што посилна и пообучена администрација значи посилна и поуспешна држава за сите нас“, дециден беше министерот.

Овие обуки не ги спроведувале само со домашни ресурси, туку и со поддршка на меѓународни предавачи.

„Тоа е симбол на нашата посветеност кон европски стандарди. Тоа е доказ дека сакаме најдобро за нашите службеници. Соработката со институции како Регионалното училиште за јавна администрација (РЕСПА), Центарот за извонредност во финансии (ЦЕФ) со седиште во Словенија, Агенцијата за стручни обуки од Франција, Вита Институтот, Економскиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, дополнително со меѓународни партнери и експерти како Борко Ханџиски е гаранција дека не сме сами на овој пат. Тие ќе споделат искуства и практики кои веќе дале резултати во други земји. Наша задача е тие искуства да ги адаптираме и примениме дома“, подвлече министерот.

- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
Најчитани
Stay Connected
10,404FansLike
61,453SubscribersSubscribe
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img