Една емотивна мајчинска исповед од Струмица ги допре срцата на сите што имаат деца кои животот ги однел далеку од родниот дом. Снежана Урумова, наставничка и авторка, преку своите текстови ги преточува чувствата, личните искуства и животните приказни за кои луѓето понекогаш тешко наоѓаат зборови.
Овојпат, повод за нејзиниот емотивен запис било заминувањето на нејзината ќерка во Цирих. Разделбата, скриените солзи и тешкотијата да го испратиш сопственото дете кон иднина во друга земја се главните теми на нејзината исповед.
Особено силно одекнува реченицата што ќерката ѝ ја кажала пред заминувањето: „Мамо, не сакам да си одам“. Зборови кои, како што опишува мајката, продолжиле да ѝ одѕвонуваат и по полетувањето на авионот.
Во својот текст Снежана пишува за чувството кога родителот мора да ја сокрие тагата за да му го олесни заминувањето на детето, за животот во странство кој може да понуди поголема сигурност и подобри можности, но и за празнината што ја оставаат далечината и отсуството на најблиските.
Таа потсетува дека подобриот стандард не секогаш значи и поголема среќа, бидејќи постојат работи што не можат да се купат – припадноста, блискоста со семејството, познатите улици и чувството дека си дома.
„Мамо, не сакам да си одам.“
Ми го кажа тивко, непосредно пред заминувањето. Толку тивко што речиси можев да се преправам дека не сум ја слушнала.
Но ја слушнав. И во тој миг почувствував како нешто во мене се крши.
Ја гледав и се обидував да ја задржам солзата што ми стоеше на работ од окото. Онаа мајчинска солза што не смееш да ја пуштиш, затоа што не сакаш на своето дете да му го направиш заминувањето уште потешко.
Се насмевнав, со онаа насмевка што мајките ја имаат дури и кога во нив сè плаче. И во нејзините очи имаше иста тага. Во еден момент се сврте настрана, можеби за да не ја забележам, а можеби за да не ја види мојата.
Чудно е како се однесуваме ние, мајките и децата, кога доаѓа време за разделба. Секој ја крие сопствената солза за да го поштеди другиот, иако и двајцата знаеме дека тагата доаѓа од истото место.
Што можеш да му кажеш на своето дете кога заминува таму каде што, барем според условите за живот, иднината изгледа подобра?
Таму има ред, можности, сигурност и повисок животен стандард.
Но подобрите услови не значат секогаш и посреќен живот.
Затоа што таму нема мајка на неколку минути од тебе. Нема кафе што ќе трае со часови затоа што никој не брза. Нема глас од соседната соба што ќе ти каже дека ручекот е готов. Нема врата на која можеш да тропнеш без претходно да се најавиш.
Можеби имаш многу работи, но понекогаш најмногу ти недостига токму она што не може да се купи – чувството дека припаѓаш некаде. Своите луѓе, познатите улици, јазикот на кој можеш веднаш да кажеш дека не си добро, без претходно да размислуваш како да ја составиш реченицата. Местото каде што не мораш да објаснуваш кој си.
Тогаш неизбежно се поставува прашањето: каде всушност е домот? Дали таму каде што животот е поуреден, посигурен и полесен или таму каде што некој уште од твоите очи знае како ти поминал денот?
Денес повторно ја испратив во Цирих.
Додека ја гледав како заминува, си повторував дека треба да бидам среќна. Моето дете се враќа во својот живот, во уреден свет и во иднината што ја гради.
И навистина сум среќна.
Но мајчинското срце како да не ја разбира географијата. За него не постојат километри, граници, авионски билети, повисок стандард или подобри можности.
Тоа има своја математика. Илјада километри му изгледаат бескрајно многу, а секоја прегратка му е прекратка.
Додека гледав како се оддалечува, почувствував силна желба да потрчам по неа. Не за да ја спречам да замине, затоа што мајките мора да научат да ги пуштаат своите деца, туку само уште еднаш да ја прегрнам, да ја почувствувам нејзината коса на образот и да ѝ кажам:
„Оди, мамина. Јас сум добро.“
Тоа е малата лага што мајките понекогаш ја кажуваат од љубов. Затоа што не секое заминување значи дека човек оди кон подобар живот. Понекогаш животот што изгледа подобро се наоѓа далеку од дома.
А домот не се мери според животниот стандард. Тој е местото каде што срцето не мора да се убедува дека му е убаво.
Сега повторно владее тишина во домот.
Нејзините работи ги нема. Нејзиниот глас не се слуша. До мене остана само тишината, како непоканет гостин.
И една реченица што не сака да замине заедно со авионот. Остана тука, кај мене, и цела вечер ми одѕвонува во мислите:
„Мамо, не сакам да си одам.“






