На четирите малолетнички против кои се водеше постапка за насилството врз 13-годишно девојче во Ѓорче Петров изречена им е мерка упатување во воспитно поправен дом. Од Кривичниот суд Скопје информираат дека две од малолетничките ќе бидат упатени на по една година, а две на по осум месеци.
– За предметот со насилство со малолетничка од Ѓорче Петров со оглед да се работи за малолетници деца и постапката е тајна, можам да ви потврдам дека случајот е првостепено завршен и изречена им е заводски воспитна мерка – упатување во воспитен дом и тоа една година за две деца, а за две деца 8 месеци – информираат од Основниот Кривичен суд Скопје.
Одлуката сè уште не е правосилна и е во фаза на писмена изработка, по што ќе биде доставена на странките.
Случајот со врсничко насилство во Ѓорче Петров во март годинава предизвика реакции во јавноста, а дел од врсничкото насилство беше снимено и на мобилни телефони и потоа споделено на социјалните мрежи.
Против четирите малолетнички претходно беа поднесени кривични пријави за насилство, а постапката се водеше согласно Законот за правда за децата.






