Сè е подготвено за 41. издание на популарниот фестивал! Годинашното издание на популарниот „Макфест“ продолжува да ја збогатува својата фестивалска приказна со нови композиции, автори и изведувачи, во атмосфера исполнета со музика, позитивна енергија и песни што имаат потенцијал да останат со публиката и по фестивалските вечери. Да се пеат, како некогаш, како што ни останаа „Виолина и гитара“, „Кога те нема“, „Свирете ја зајди, зајди“, „Ѕвона ѕвонат“, „Кој да ти каже Ивана“, „Ангели ме носат“…
И сега се типува токму на тие певливи рефрени, во интерпретација на познати музички имиња. Сите тие ќе бидат дел од 41. издание на „Макфест 2026“, фестивалот на забавни мелодии, кој годинава ќе се одржи на 30 и 31 октомври на сцената на Центарот за култура „Ацо Шопов“ во Штип и на ТВ-екраните, на каналот на МРТВ. Организаторите во соопштението информираат дека „Макфест“ е синоним за музика повеќе од четири децении, а публиката во Штип, и оваа година, ја очекува добра фестивалска атмосфера.
Меѓу авторите на годинашните песни се имиња кои се одамна на македонската музичка сцена, како што се: Ристо Самарџиев, Хари Котларовски, Огнен Неделковски, Лазар Цветковски, Раде Врчаковски-Врчак, Александар Масевски, Кристијан Габроски, Иван Јованов, Роберт Билбилов, Андријана Јаневска, Давор Јордановски, Елвир Мекиќ, Димитар Андоновски и многу други.
– Годинава имаме навистина интересен избор на автори, докажани музички имиња, автори со свој препознатлив стил и песни зад кои стои нивното големо естрадно искуство. Очекувам и ова издание да донесе убави, певливи песни, рефрени и композиции од различен карактер. Оние шлагерски, поп-рефрени, рок-вибрации, кои лесно се памтат и потоа долго сe пеат. Тоа е смислата и убавината на „Макфест“, објасни Роберт Саздов, кој и оваа година е уметнички директор на фестивалот.






