домаМакедонијаМакедонската опера и балет се збогува со баритонот Ристе Велков

Македонската опера и балет се збогува со баритонот Ристе Велков

- Advertisement -spot_img

Со длабока тага и неверување Македонската опера и балет ја соопшти веста за смртта на својот првенец, баритонот Ристе Велков, кој го загуби животот во сообраќајна несреќа. Со неговото заминување, македонската музичка сцена изгуби истакнат уметник, врвен интерпретатор и долгогодишен носител на оперскиот репертоар.

Роден во 1975 година во Скопје, Велков важеше за еден од водечките македонски баритони и еден од најхаризматичните оперски солисти на својата генерација. Неговата уметничка кариера беше тесно поврзана со Македонската опера и балет, каде што како првенец изгради богата и разновидна сценска биографија, особено во белканто продукциите. Често беше опишуван како „италијански баритон со кадифена боја“.

Своето музичко образование го започнува во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ во Скопје, каде што во 1994 година завршува средно музичко образование во класата на проф. Марија Николовска. Дипломира на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во 1999 година во класата на проф. м-р Милка Ефтимова, а во 2011 година магистрира со највисока оцена cum laude во класата на проф. м-р Билјана Јовановска Јакимовска.

Во текот на своето усовршување, Велков работеше со истакнати уметници и педагози, меѓу кои Гога Трајанов, Стојан Стојанов Ганчев, како и меѓународно признати вокални имиња како Антонио Бојер, Мирела Паруто и Николaј Херлеа. Дополнително, од 2001 до 2017 година се надградува во оперското студио на Стојан Попов во Софија.

Своето сценско деби го има уште како студент во 1996 година во претставата „Амадеус“ во Драмски театар – Скопје. Две години подоцна настапува на „Мајски оперски вечери“ со улогата на Маруло во „Риголето“, а во 2009 година ја толкува насловната улога во „Набуко“ на сцената на Македонската опера и балет.

Неговата кариера вклучува и значајни меѓународни настапи. Во 2016 година настапува во продукција на Tokyo Opera во Јапонија, во улогата на Жорж Жермон во „Травијата“, а во 2017 година одржува солистички рецитал во Музеј-куќата на Борис Христов во Софија. Гостувал во Јапонија, Србија, Романија, Турција и Бугарија, како и на бројни престижни домашни фестивали, меѓу кои „Охридско лето“, „Скопско лето“, „Мајски оперски вечери“ и други.

Во текот на својата кариера, Ристе Велков изведе повеќе од 15 водечки баритонски улоги, меѓу кои: „Риголето“, „Набуко“, „Магбет“, „Трубадур“, „Травијата“, „Аида“, „Кармен“, „Боеми“ и многу други значајни оперски остварувања.

Од Македонската опера и балет посочуваат дека неговата посветеност, сценска моќ и љубов кон уметноста ќе останат трајно запаметени, а неговото творештво претставува значаен дел од македонската музичка култура.

„Изразуваме искрено сочувство до неговото семејство, колегите, пријателите и сите што го познаваа и почитуваа. Слава му“, стои во соопштението.

- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404фановикако
61,453претплатницисе претплатите
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img