Македонија останува зад поголем дел од регионот, според најновиот Индекс за здравствена заштита на Намбео за 2026 година, кој ги оценува здравствените системи врз основа на јавни анкети за квалитетот на медицинските услуги, персоналот, болничката инфраструктура, времето на чекање и трошоците за лекување. Пред Македонија, на листата се рангирани Србија, Црна Гора, Албанија и Босна, кои имаат повисоки оценки за ефикасноста на здравствениот систем, достапноста на услугите и задоволството на пациентите. Зад земјава остануваат, Грузија, Украина и Романија.
Рангирањето, всушност, ја отсликува реалноста што со години ја чувствуваат македонските пациенти – долги листи на чекање, недостиг на лекари и медицински персонал, оптоварени клиники, застарена опрема и сè поголем број граѓани кои поради бавниот систем се принудени да бараат помош во приватното здравство.
Во исто време, анализата покажува дека најдобрите здравствени системи во светот не се нужно и најскапите. На врвот на листата е Тајван, кој има највисок индекс на здравствена заштита во светот, иако троши значително помалку по жител од САД. Според анализата, тајванскиот систем успева да обезбеди речиси целосна покриеност на населението, ниски административни трошоци и брз пристап до медицински услуги. Спротивно на тоа, САД и понатаму трошат најмногу за здравство – околу 13,5 илјади долари по лице годишно – но сепак се рангирани дури на 40 место. Причините, според анализата, се високите административни трошоци, скапите лекови, фрагментираниот осигурителен систем и нееднаквиот пристап до здравствени услуги.
Најдобро рангираните европски земји, меѓу кои Холандија, Финска, Данска и Франција, доминираат благодарение на широкиот пристап до здравствена заштита, силната примарна медицина и помалите финансиски бариери за пациентите. Токму овие модели, според експертите, покажуваат дека клучот не е само во висината на буџетот туку во организацијата, превенцијата и ефикасното управување со системот. Ова не е официјално мерење на Светската здравствена организација (СЗО), туку индекс базиран на искуства и мислења на корисници.
За Македонија, пак, индексот е уште еден показател дека здравствениот систем се соочува со сериозни структурни проблеми. Додека европските земји инвестираат во дигитализација, модерна инфраструктура и задржување на медицинскиот кадар, земјава и понатаму се бори со одлив на лекари, недостиг на специјалисти и незадоволство кај пациентите. (П. А.)








