Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија преку објава на социјалните мрежи остро ги осуди најновите масовни ракетни и дронски напади на Русија врз Украина.
Во реакцијата се наведува дека нападите биле насочени кон Киев и други региони во Украина, при што, според информациите, имало цивилни жртви и значителна штета врз критичната инфраструктура.
„Силно ги осудуваме последните големи ракетни и дронски напади на Русија против Украина“, се наведува во објавата на македонската дипломатија.
Од Министерството повторно ја потврдија поддршката за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во услови на продолжени напади и нова ескалација на конфликтот.
Реакцијата доаѓа во период кога Украина е погодена од нов бран воздушни напади, при што украинските власти претходно информираа за оштетувања на станбени објекти, инфраструктурни капацитети и цивилни цели во повеќе региони низ земјата.
Македонија и претходно во повеќе наврати изразуваше поддршка за Украина и повикуваше на почитување на меѓународното право и прекин на нападите врз цивилното население.








