Либерално-демократската партија (ЛДП) бара покрај измените на Законот за пратеници, да се изменат и законите во кои се регулира изборот на сите избрани и именувани функционери.
„Едно правило да важи за сите. Доста е од дволичности и двојни стандарди. Критериумите и законите треба да важат за сите веднаш и без одлагање. Двојно државјанство не треба да имаат пратеници, министри, директори, јавни обвинители и судии и тоа да важи за сегашните, ама да важи и за идните и тоа без одлагање“, изјави Александар Цветкоски.
Тој вели дека предлагачите на законот треба да побараат од сите актуелни носители на функции да ги достават на увид нивните досиеа и сите што имаат двојно државјанство да поднесат оставка
„Нема никакви потреби од популизам, ефтин маркетинг и пополнување на медиумското време. Нема потреба од половични решенија од типот ќе важи овој мандат, ќе важи другиот мандат, ќе важи за едните, нема да важи за другите. Предлагачите на законот нека побараат од сите актуелни носители на функции да ги достават на увид нивните досиеа и сите што имаат двојно државјанство да поднесат оставка“, рече Цветкоски и додаде дека ЛДП ќе поднесе закон кој ќе бара од сите избрани именувани лица под морална и кривична одговорност да потврдат дека немаат двојни државјанства.








