Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, порача дека проширувањето на Европската Унија останува заедничка стратешка цел и дека иднината на Македонија е во европското семејство.
На заедничката прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски, Кошта ги поздрави напорите на Владата во спроведувањето на реформите, посебно во делот на владеењето на правото, реформата на јавната администрација и усогласувањето со европските политики.
„Вашата Влада покажа посветеност. Го поздравувам напредокот во реформската агенда и целосното усогласување со заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија. Тоа испраќа силен сигнал за стратешката ориентација на Северна Македонија и за вредностите што ги споделуваме“, изјави Кошта.
Тој истакна дека Европската Унија останува посветена на европската перспектива на земјата, но нагласи дека усвојувањето на договорените уставни измени останува клучен предуслов за понатамошен напредок во пристапниот процес.
„Тоа е единствениот пат за отклучување на целосните придобивки од членството за граѓаните на Северна Македонија. Напредокот кон европската интеграција бара конструктивен дијалог со соседите и чекори за градење доверба“, рече Кошта.
Премиерот Мицкоски повтори дека државата останува цврсто посветена на европската интеграција, но потенцираше дека процесот треба да биде кредибилен, предвидлив и заснован на заслуги.
„Не бараме привилегии, ниту олеснети правила. Бараме принципи и процес во кој реформите, трудот и исполнетите обврски ќе бидат вистински вреднувани“, истакна Мицкоски.
Тој нагласи дека Владата продолжува со реформите, економската стабилизација, привлекувањето странски инвестиции и подобрувањето на јавните услуги, но додаде дека кај граѓаните постои чувство на разочараност и неизвесност поради долгогодишните отстапки и одложувања во евроинтегративниот процес.
На средбата станало збор и за економската интеграција на регионот, инфраструктурното поврзување, енергетската сигурност, новите инвестиции и создавањето подобри можности за младите.
Посетата на Кошта е дел од неговата регионална турнеја низ земјите од Западен Балкан во пресрет на Самитот ЕУ – Западен Балкан, кој ќе се одржи на 5 јуни во Тиват.








