Предлогот за ограничување на можноста за вето во процесот на проширување на Европската Унија наидува на различни ставови меѓу земјите членки. Еврокомесарката за проширување Марта Кос оцени дека несогласувањата не треба да бидат причина Европската комисија да се откаже од предложените промени.
Според Кос, дел од членките бараат подетално разгледување на заштитните механизми, додека други инсистираат да се задржи едногласното одлучување.
Таа нагласи дека предлозите се смели, но дека актуелните геополитички околности бараат поголема решителност и пофлексибилен процес на носење одлуки.
Во однос на земјите кандидати, Кос појасни дека не се предлага одземање на нивното идно право на вето. Наместо тоа, се предлага доброволна изјава дека нема да внесуваат билатерални прашања во процесот на проширување.
Европската комисија се залага за поширока примена на гласањето со квалификувано мнозинство и задржување на принципот на заслуги. Паралелно, предлага засилена постепена интеграција, преку која кандидатите би добивале повеќе придобивки од приближувањето кон ЕУ уште пред полноправното членство.
Предлозите се дел од пакетот политики за подготовка на Унијата за идните проширувања, кој неделава треба да биде разгледан пред Европскиот совет.
Во меѓувреме, продолжуваат меѓувладините конференции со земјите кандидати. Црна Гора затвори уште три поглавја, со што бројот на привремено затворени поглавја достигна 21 од вкупно 35.
За денеска се најавени конференции со Албанија, Молдавија и Украина, додека Македонија не е поканета на овонеделните состаноци.






