Ништо ново, војните за енергентите и минералите, драгоцените метали и не се некоја новина на планетава. На Блискиот Исток, нови се сојузниците и прегрупирањата на сплетот концентрични географски локации околу и блиску до главниот удар. Како што камчето фрлено во вода остава кружни бранувања околу епицентарот, така и војната на Блискиот Исток има последици, најмногу врз дистрибуцијата на енергентите. Оној што ги контролира природниот гас и нафтата, поточно нафтоводите и гасоводите во невралгичниот регион, негов е кајмакот, односно екстрапрофитот. Контролата на Хормускиот Теснец е императив, тоа е услов без кој не се може да се постигне целта.
Низ овие порти на југозападна Азија, Арапскиот Полуостров и попрецизно, на Блискиот Исток, се пласира околу 80 насто нафта и гасот, од тамошното производство, за Азија, за Европа, САД, но има и за Јапонија, Јужна Кореја, но и другите азиски земји. Американците и Европа добиваат 19 проценти, Индија 13, Кина 25 насто, Јужна Кореја, Јапонија и други земји од Далекиот Исток околу 40 насто од енергентите од, во моментов, нестабилниот регион. Инаку, најмногу нафта и гас доаѓаат од Саудиска Арабија, 28 проценти, Ирак 18, Иран и Кувајт по 11 насто, Катар и Емиратите по 14 проценти. Затоа е важен Хормуз. Но важен е и Суец, зашто запрениот проток во Персискиот Залив значи и најмалку 20 насто низ Каналот, кој е врата на Медитеранот. Предизвикот е од двоен карактер. Помалку милијарди ако не и трилиони долари до платежноспособните европски консументи, но и нови цени на производството со заобиколувањето на маршутата која стана небезбедна.
Некому му се стемнува, некому разденува. Системот на концентричните кругови настанати од фрленото камче се одрази позитивно на продажбата на руските фосилни горива. Москва, според европските експерти, само во првите две недели од војната на Блискиот Исток има инкасирано околу осум милијарди долари на светските берзи. Како што летаа израелско-американските ракети кон Иран, и проектилите на Техеран кон рафинериите на нафта и на гас на Арапскиот Полуостров, така скокаше цената на руските енергенти на светските берзи. И кога не летаа, тогаш Кремљ профитираше поради запрените испораки на нападнатите танкери во Теснецот. Во превод, во првите 15 дена од војната што почна на 28 февруари, Русија инкасирала околу 372 милиони долари од испораките на нафтата, или 14 насто повеќе од вториот месец во годинава. Или со природниот гас, вкупно околу 600 милиони долари дневно. Рака под рака одат и одлуките на американската администрација. Се укинуваат одлуките на Министерството за финансии за одредени руски компании и олигарси кои во средиштето на нафтениот бизнис. Дури и привремено ги олеснија санкциите за Русија, дозволувајќи ѝ на Индија да набавува нафта и деривати. Не помогна и заедничкото предупредување на европските лидери за олеснувањето на извозот со што директно се финансира војната на Кремљ во Украина. Според Вашингтон, нивната одлука се заснова врз контролата на цената на енергентите на светските берзи. Нафтата е, сепак, главен мотор на економијата. Затоа, моментот на намалувањето на руските санкции во првите недели на март го искористиле Индија и Кина, инвестирајќи милијарда и триста милиони евра во руската нафта или околу три четвртини од извозот на Кремљ.
Но нафтата не е само економски двигател, таа е perpetuum mobile (вечен двигател) на секоја војна. Додека од Пентагон и Белата Куќа доаѓаат информации за запрените испораки на оружје за Киев, тие се пренасочуваат кон Блискиот Исток, таму каде што се понеопходни, бизнисот со нафтата го прави Кремљ пооперативен во војната која навлезе во петтата година. Покрај човечките ресурси, таа е економски исцрпувачка, и за руската офанзива се неопходни денги (пари на руски) за се оствари сценариото на Кремљ и последните изјави на претседателот Путин за хируршки прецизно освојување на непријателската територија. Преведено, Русија сè уште нема освоено околу 20 насто од Доњецкиот Басен, главниот мотив за руската инвазија или специјална операција што е исто така услов без кој не се може за руско-украинските мировни преговори. Њет (не) на Зеленски до Путин за отстапување на украинската територија како дел од преговорите, го прави решението за војната беспредметно. Тоа значи и пад на украинскиот претседател од политичката сцена, но и заминување во историјата на европските лидери доколку не успеат да му се спротивстават на Путин. Затоа војната е средство за продолжување на економските цели на Европа, во која е сè поголемо разногласието и поради нарушените евроатлантски релации, но и поради одлуката за откажување на Европа од руската нафта и гас до крајот на 2027.
И на крајот, клучното прашање: Се гледа ли крајот на војната на Израел и САД со Иран? И додека страните негираат или потврдуваат, проистекоа информации за тајните преговори кои се водат меѓу Техеран и Вашингтон во Пакистан. Иран одбива да го запре развивањето на нуклеарната програма, Трамп бара отворање на Хормускиот Теснец за глобалната трговија. Техеран бара и воени репарации, признавање на Хормуз за иранска територија, запирање на израелското бомбардирање на Хезболах во Либан. Израел одговори со наредбата на Нетањаху за 48-часовно уништување на воената индустрија на Иран. Ако на ова се додадат и неколку илјади припадници на специјалните морнарички сили на американската војска кои се стационираа во Блискиот Исток, тогаш поентата е јасна. Доколку се дојде до мировното решение, кое се навестува, тогаш американско-израелските напади овозможуваат добивање подобра позиција на зелената маса. Ако се суди според виденото и чуеното меѓу редови од клучните играчи во војната која по украинската и по пандемијата на ковид само во рок од седум години, во три наврати, го потресоа светот, тогаш април е месецот во кој на светот може да му се раздени. И самиот Трамп, ако може во овие времиња, кога прва жртва на секоја војна е вистината, да му се верува, најави подарок од Техеран. Во спротивно, новата војна, покрај руско-украинската, ќе добие на долготрајноста. Ќе говори оружјето наместо дипломатијата. Тогаш, според берзанските аналитичари, доколку цената на барелот достигне 200 долари, светската економија ќе доживее колапс.
(Редакцијата се оградува од ставовите на авторите изразени во колумните)








