19.000 лица работат во Здравствените институции. Просечната нето-плата во јавното здравство во декември 2025 година изнесувала 50.039 денари, покажуваат податоците од Фондот за здравство. Но основната плата без додатоци била значително пониска – 37.660 денари, што значи дека голем дел од примањата на медицинскиот персонал зависат од дежурства, ноќни смени, прекувремена работа и работа за викенди и празници.
Токму околу овие додатоци се водат и најголем дел од судските спорови во секторот. Дури 1.822 вработени во јавното здравство покренале тужби против установите во кои работат, со побарувања што надминуваат 2 милиони евра.
Судски постапки се водат во повеќе од половина од јавните здравствени установи во државата, а најчести причини се неисплатени прекувремени часови, ноќни смени, бонус плати и јубилејни награди.
Анализата покажува и дека во установите што функционираат 24 часа дневно, додатоците учествуваат со повеќе од една третина од вкупната плата. Во некои клиники тие достигнуваат и над 40%, што укажува колку системот се потпира на дополнителна работа и дежурства.
Паралелно со финансискиот притисок од тужбите, здравствениот сектор се соочува и со недостиг на кадар, особено на анестезиолози и друг специјализиран медицински персонал. И покрај тоа, бројот на вработени продолжува да расте и веќе се приближува до 19.000 лица на ниво на целото јавно здравство.
Од институциите најавуваат мерки за подобра контрола на исплатите, намалување на судските трошоци и поефикасно следење на обврските кон вработените.








