Шансите да станеме најбогата држава на Балканот се еднакви на изгледноста на Криволак да слетаат вонземјани
Морав неколкупати да препрочитувам две неверојатни изјави, едната на премиерот Христијан Мицкоски, другата на 497 полицајци дадена при нивната заклетва пред стапување на професионална должност. За жал, а циниците ќе кажат за среќа, двете поминаа глуво во јавноста, иако станува збор за историски значајни работи.
Прво, да ја споделам изјавата на премиерот Мицкоски која сигурно е искажана при здрава памет и целосна присебност потпрена на сознанија кои сѐ уште е рано јавно да се обелоденат, но добро е да се навестат бидејќи влеваат силен оптимизам и надеж за прекрасна иднина на Македонија како најбогата држава на Балканот.
Еве го делот од чудесната порака на премиерот испратена од Америка до граѓаните на Македонија: „Сакам да ве убедам и покрај сите предизвици дома и покрај сите предатори, внатрешни и надворешни, кои не сакаат Македонија да биде успешна, оваа Влада, оваа генерација ќе ги потврди илинденските идеали и ќе го продолжи делото на илинденците за суверена, независна и демократска Македонија која ќе биде најбогата на Балканот“.
Овој завет за остварување на идеалите на илинденците, го кажале досега сите македонски премиери и претседатели, но ниту еден не се осмелил да изусти Македонија ќе биде најбогата на Балканот за време на нивното владеење. Толку далеку и толку високо никој не полетал.
Што да се каже освен – ваууу, Македонија најбогата на Балканот. Вакво нешто од нашите многубројни фабрики на оптимизам уште никој не ветил, ниту на митинзи во предизборните кампањи кога најмногу се лаже. Но, штом пораката е испратена од Америка по средбите со влијателни политичари и бизнисмени, американски милијардери, тоа може да се случи, Македонија да биде во догледно време најбогата на Балканот. Шансите се еднакви на изгледноста на Криволак да слетаат вонземјани.
Во ново руво Швајцарија на Балканите
Внимавајте, ќе станеме најбогати и тоа за време на владеењето на оваа влада и оваа генерација политичари. Симнувам капа за храброста вакво нешто да се каже јавно и да се остане жив и здрав и згора во тоа да се верува. Се разбира, со ограда, ако ова не е црн хумор и ако не е речено по некој коктел и во еуфорија на силно импресионираниот тазе премиер по „гаранциите“ на милијардерите што во вакви пригоди знаат да бидат многу слаткоречиви и штедри.
Во големо исчекување сум во првата наредна пригода премиерот малку да го разјасни ова чудо невидено досега за обнова во ново руво на утопијата „Швајцарија на Балканите“ која прв ја промовираше Ванчо Михајлов, а по него во независна Македонија уште неколку политичари паѓајќи во транс од оваа примамлива, но никогаш неостварлива идеја Македонија да биде Швајцарија. Но, ова е сега сосема нешто ново кога се испраќа од Америка експресна телеграма до најсиромашниот народ на Балканот за големата среќа и благодат што претстои во блиска иднина. Ова му доаѓа како божја порака за убавините на оној свет, кога мачениците одат во рајот.
Значи, нема друго чаре, туку на оваа влада да им се даде доверба уште два, три, пет или уште колку треба мандати да се заврши работата за остварување на илинденските идеали да живееме и работиме во најбогатата држава на Балканот, а зошто да не и малку пошироко.
Немојте сега да инсистирате на деталите како тоа и кога точно ќе се случи. Ѓаволот е секогаш во деталите. Таквите подробности не можат да се кажат сега оти работата може да ни ја расипат предаторите, внатрешните и надворешните непријатели, кои зборуваат за изолација, сиромаштија и распаѓање на државата. Сеат дефетизам.
Сега, во овој период, само е важно да се верува дека ќе бидеме најбогати во регионот. Штета што оваа радосна вест не се прифати со должно внимание и не ечеа камбаните на провладините медиуми, а и социјалните мрежи беа прилично воздржани. Изгледа не поверуваа ни апологетите на власта да аплаудираат на големиот успех што нѐ очекува додека Мицкоски е премиер. Јас верувам дека Владата и оваа генерација политичари на власт предводени од премиерот Христијан Мицкоски, американските милијардери според проектите на Русинот Григориј Потемкин работата ќе ја завршат. И сигурно ќе ги дочекаме Потемкиновите села.
На што се заколнаа 497 полицајци
Е, сега, малку за заклетвата на 497 полицајци, која во една реченица докажува дека ако не најбогата на Балканот може Македонија да биде навистина пристојна држава за живеење само да се спроведе тоа во што се заколнаа полицајците кога во еден глас повторија: „ Ќе ги почитуваме Уставот и законите и меѓународно ратификуваните договори“. Да, да, добро сте прочитале ќе ги почитуваме уставот, законите и меѓународно ратификуваните договори. Тоа сигурно се однесува не само на полицајците дека ќе ги почитуваат и бранат уставот и законите, првата и слободите , туку и на сите граѓани вклучувајќи ја и Владата, Собранието, претседателот на државата, и оваа и наредните генерации политичари.
Значи, ратификуваните договори со Грција и со Бугарија ќе се почитуваат и ќе се спроведуваат, или пак некој го згрешил текстот на заклетвата. Никој од нас не бара нешто повеќе, туку да се почитува тоа што е договорено и ратификувано во Собранието од народните избраници. Но, реалноста во Македонија не е таква. Најголемиот проблем Македонија да не стане успешна приказна е токму самоблокадата и непочитувањето на склучените и ратификувани договори со соседите што водат кон остварување на тешките реформи и членство во ЕУ за што сите релевантни политички партии и политичари, МАНУ и други државни институции во Македонија веќе 33 години тврдат дека е најголемиот стратегиски државен интерес.
Во оваа заклетва има една вчудовидувачка контрадикторност. Полицијата ќе ги брани и почитува меѓународните ратификувани договори, а власта ќе ги блокира како национално предавство. Ајде сега оди мери им го имот, ем ќе бидеме најбогати на Балканот, ем ќе ги почитуваме договорите на предавниците. Ово нема ни у Београду.
(Авторот е новинар и политички аналитичар)