домаМакедонијаКој се и должи на УЈП над 220 милиони евра: Бизнисмени кои...

Кој се и должи на УЈП над 220 милиони евра: Бизнисмени кои не стапнале во земјава, фирми без вработени и газди со политички врски

- Advertisement -spot_img

Управата за јавни приходи ја објави септемвриската листа на најголеми должници, на која се вкупно 5.240 правни и физички лица со ненамирени обврски од над 13,64 милијарди денари, односно околу 221,8 милиони евра.

Според информациите на УЈП, компанијата нема имот од кој долгот би можел директно да се наплати.

„Не поседува движен и недвижен имот. Има присилна наплата од парични средства. Утврдена е даночна гаранција, во тек се мерки за наплата од даночен гарант“, велат од УЈП.

На врвот на листата се три компании од Скопје, а најголем должник е Хант осој трејд, со долг од над 900 милиони денари, односно околу 14,87 милиони евра.

Со сличен износ на неплатени обврски е и скопската компанија Окитна трејд, регистрирана во Визбегово. Меѓу трите најголеми должници е и Лисав од Скопје.

Кај сите три компании, според објавените податоци, долгот се однесува исклучиво на неплатен данок на додадена вредност. Септемвриската листа се однесува на долгови доспеани за плаќање до 31 мај 2026 година, а кои не биле платени ниту до 31 август.

Компанијата ХАНТ Осој има едно вработено лице и е формирана во 2022 година.

Сега владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, како опозиција пред две години тврдеше дека фирмата „Хант Осој“, до крајот на 2022 година се викала „Хантонос“. Тогашниот сопственик Васе Панајотов му ја продава на извесен Агим Имери од Косово, кој добил поврат на ДДВ од 12 милиони евра и исчезнал.

„Фирмата ХАНТОНОС е отворена јануари 2022 година од Васе Панајотов од струмички Секирник, а продадена на 25 ноември 2022 година на Агим Имери од Косовска Митровица којшто го менува името во ХАНТ ОСОЈ со ново седиште во Скопје. И оваа нова фирма ХАНТОНОС (како и АКТИКО/ОКИТНА) за кусо време тргува, увезува роба за 57 милиони евра, а никој не прашува од каде парите, и за тоа користи поврат на ДДВ од над 10 милиони евра.

Продадена, како ХАНТ ОСОЈ до март 2023 година тргува за 7 милиони евра и побарува 1,2 милиони евра. И во овие година дена има една специфична набавка, пријавен увоз од странство за 5,4 милиони евра и користи поврат од 820.000 евра. Кога доаѓа време за наплата на данок во 2023 година, УЈП сфаќа дека фирмата не плаќа, па потоа да не успее да го најде сопственикот, за којшто МВР и посочува дека лицето Агим Имери од Косовска Митровица на кого му е продадена фирмата воопшто немал влез во Македонија во периодот кога наводно ја купил и работел со фирмата.

И УЈП потоа разбира дека нема деловни книги, нема сметководство, а фирмата должи данок. Вкупно што УЈП сега бара е 12 милиони 226 илјади евра, односно всушност парите кои се дадени како ослободување од ДДВ – рече портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски. Сега на власта, се чини, не и смета тоа што одредени фирми наводно прават малверзации со повратот на ДДВ од државата.

За слични малверзации со поврат на ДДВ, ВМРО-ДПМНЕ обвини и кај фирмата „Окитна Трејд“, која кон крајот на 2022 година преминала од дотогашната сопственичка Зуле Кармзова во рацете на Егзон Бериша од Косово, кој добил поврат на ДДВ од 11 милиони евра.

УЈП демантираше дека имало незаконски исплати на поврат на ДДВ. Парите не им се исплатени на овие фирми, туку се бара наплата на данок од нив, но ВМРО-ДПМНЕ тврдеше дека има докази за спротивното.

Трет најголем должник е Лисав Компани дооел од општина бутел која должи над 440 милиони денари.

„Дианита“ од Струмица сега е на четврта со долг од 378 милиони евра, односно нешто над 6 шест милиони евр долг само за ДДВ.

Преку оваа фирма лани биле свртени 182 милиони евра, односно за 210 отсто повеќе приходи отколку за една година претходно, а при тоа била прикажана загуба од нешто повеќе од 700.000 евра. Сопственик е извесен струмичанец Драги Механџиски, а компанијата располага со три складови за трговија на големо со текстил, од кои два во Кисела Вода и еден во Струмица. До 7 јули „Дианита“ била 511 дена под блокада на УЈП, од каде до тогаш биле испратени 23 извршни решенија во вредност од 5,65 милиони евра.

Обвинителството за гонење на организиран криминал минатиот месец објави дека оваа фирма е поврзана со мрежата на компании на струмичкиот бизнисмен Ристо Крмзов кои од државата нелегално наплатиле 37 милиони евра за поврат на ДДВ.

Следна е ПИНЕ Груп ДООЕЛ Скопје, фирма која е блокирана од УЈП три години, а должи 332 милиони денари или 5,5 милиони евра и УЈП извести дека во тек е присилна наплата на парични средства.

Струмичката фирма Гимаши Компани ДООЕЛ Скопје должи 295 милиони денари по сите основи.

Чешката фирма, „СГСМ оил и гас сервис“, односно нејзината подружница чија основна дејност е трговија на големо со метална стока, цевки, уреди и опрема за водовод и централно греење должи на УЈП 4 милиони евра, речиси сите по основ на ДДВ.

Уште една фирма на бизнисменот Крмзов од Струмица, Минтикос Текстил дооел Струмица е должник на УЈП со околу 3 милиони евра, а не поседува движен или недвижен имот за да може да се наплати.

Абира Плус дооел од Куманово има долг од нешто помалку од 3 милиони евра. Кумановската компанија Абира плус до 2018-та била во сопственост на Трајче Заев, братучедот на поранешниот премиер Зоран Заев.

На листата на најголеми должници веќе ја нема „Дивелоп Груп“, која пред четири месеци должеше над 2 милиони евра. Фирмата во која косопственик е Јордан Мијалков, син на поранешниот шеф на УБК Сашо Мијалков, веќе го платила долгот и не е на листата на УЈП.

На листата се опфатени обврски по основ на ДДВ, данок на добивка, персонален данок на доход, придонеси од задолжително социјално осигурување, акцизи и царини.

Од вкупно 5.240 должници, 2.008 се правни, а 3.232 се физички лица. Податоците покажуваат дека состојбата се влошила во споредба со претходниот месец. На листата има дополнителни две фирми и 38 физички лица, а вкупниот ненамирен долг е зголемен за околу 7,3 милиони евра.

Само долгот по основ на даноци и придонеси изнесува 13,46 милијарди денари, односно околу 218,8 милиони евра. Тој за еден месец е зголемен за речиси 7,5 милиони евра.

Практично, најголемиот дел од вкупните 221,8 милиони евра што ги побарува државата од обврзниците се однесува токму на неплатени даноци и придонеси.

- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404фановикако
61,453претплатницисе претплатите
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img