Првиот министер за одбрана на независна Македонија, Трајан Гоцевски, во сведоштво за 4ТВ открива драматични детали од преговорите со тогашното воено раководство на ЈНА и моментите кога се одлучувало за дислокацијата на армијата од Македонија.
Гоцевски раскажува дека по потпишувањето на договорот, тогашниот генерал Аџиќ јасно им ставил до знаење дека договорот не смее веднаш да биде објавен, објави 4news.mk
„Овој договор во фрижидер, не смеете да го објавите. Кога ќе се договориме, кога јас ќе кажам“, се присетува Гоцевски на зборовите на генералот.
Но, договорот сепак не останал „во фрижидер“.
Според сведоштвото на Гоцевски, веднаш по заминувањето на Аџиќ кон Белград, македонската страна разговарала со американски дипломати, на кои им било соопштено дека договорот е постигнат.
„Кога ќе го објавиме? За пола саат сите светски весници ќе го објават. Назад нема, како фрижидер, објавувајте го“, му рекле, според неговото сведоштво, американските дипломати.
Следувала прес-конференција, на која македонската страна ја објавила позитивната вест – договорот е потпишан и од следниот ден започнуваат разговорите за дислокација на армијата.
Гоцевски вели дека тоа бил пресвртен момент за Македонија.
„Тоа беше фактички ден од де факто Македонија, од кој назад немаше“, вели тој.
Според него, со објавувањето на договорот и неговото меѓународно потврдување, можноста за враќање назад практично исчезнала.
„Билејќи имаше договор, мораше да го спроведат. Притисокот беше голем и однадвор – мора договорот да се спроведе“, сведочи Гоцевски.
Тој открива и дека атмосферата за време на преговорите била исклучително напната. Во тој период до военото раководство постојано пристигнувале извештаи од фронтовите за загинати, минирани колони и други случувања поврзани со војната во поранешна Југославија.
Во таква атмосфера, според Гоцевски, македонската страна добила и сериозни закани.
„Ако не се постапи по тоа што ви кажувам, јас командувам со Военото воздухопловство на ЈНА и тоа што реков – ќе го сравнам Собранието со земја, резиденцијата на претседателот, резиденцијата на министерот за одбрана, а на Скопје ќе му одржам лекција да ме памти 100 години“, сведочи Гоцевски за заканата што ја добиле.
И покрај огромниот притисок, македонската страна, според неговото сведоштво, не отстапила. Потпишаниот договор станал основа за процесот на дислокација на ЈНА од Македонија.
За Гоцевски, тоа бил момент од кој „назад немало“ – почнал процесот што требало да доведе до целосно осамостојување на македонскиот одбранбен систем.






