Најстроги законски казни и санкции во согласност со Законот за комуналните дејности се изречени по појавата на свлечиште на булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“, во близина на Католичката црква во Скопје. Инспекциските служби на Општина Центар по извршениот увид констатирале сериозни оштетувања на јавната инфраструктура и низа неправилности во изведбата на градежниот објект.
Паралелно со инспекцискиот надзор, екипите на Општина Центар веднаш презедоа итни мерки за обезбедување на локацијата со поставување сигурносни појаси и предупредувачки ленти, со цел да се заштитат граѓаните и да се овозможи безбедно движење, особено бидејќи градилиштето се наоѓа во непосредна близина на станбени објекти.
Од Општина Центар информираат дека до Основното јавно обвинителство (ОЈО) веќе е доставено официјално известување за понатамошно постапување.
„Од страна на градежниот инспектор на Општина Центар ќе биде побарано одземање на лиценците на одговорните лица вклучени во изградбата, а Општина Центар ќе побара и утврдување одговорност од надзорот и изведувачот на објектот поради несоодветно и несовесно постапување во согласност со законските прописи. За случајот ќе следуваат и соодветни пријави и постапки пред сите надлежни институции“, соопштуваат од општината.
Порачуваат дека нема да се толерира неодговорно однесување на инвеститорите со кое се загрозува безбедноста на граѓаните и се уништува јавниот простор.
Инвеститорот е задолжен итно да го обезбеди просторот, да ги преземе сите мерки за санација врз основа на очекуваната експертиза од Градежниот факултет и целосно да ја врати оштетената инфраструктура во првобитната состојба.








