Двајца осомничени кои веќе беа во краткотраен 48-часовен притвор под сомнение дека учествувале во транспорт на марихуаната од Македонија во Србија доцна попладнево беа изведени пред судија на претходна постапка кој им определи нова мерка од 30 дена притвор по барање на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.
Според сознанија на Телма, со истрагата се опфатени 6 лица во кои се и двајцата веќе притворени. Сите се осомничени за учество во прекуграничен транспорт на марихуана. Истрагата е отворена откако во Србија во селото Коњух беа откриени 5 тона марихуана за кои српското обвинителство тврди дека се донесени од Македонија.
МВР пак привело вкупно 10 лица по поднесената кривична пријава против нив, но само за 6 е отворена истрага.
-Во текот на денешниот дени ќе се отпочне со поднесување кривична пријава до ОЈО за гонење организиrан криминал и корупција, која опфаќа 10 лица. Од нив двајца се веќе во притвор. Овие 10 лица се директно, или индиректно поврзани со произведена дрога. Денеска ќе биде поднесена кривична пријава. Имаме основани сомненија дека тие лица се поврзани со транспортот на дрогата, која беше запленета во Србија“, рече министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во интервју за „ТВ 21“, што е прво негово појавување во јавноста каде одговара на прашања за петте тони марихуана откриени во Србија на крајот на јануари.








