Општина Дојран почна со расчистување на вегетацијата покрај пешачката патека од Стар кон Нов Дојран, со новата механизација што ја доби минатата недела.
Како што информираат од Општината, ќе се расчистуваат сите делови каде што обраснатото зеленило ја покрива пешачката патека, а ќе се работи и долж кејот во насока кон границата со Грција.
– Целта е Дојран да се одржува во текот на целата година, а не само во екот на туристичката сезона. Затоа, новата механизација веднаш е вклучена во погон, и без чекање, започнавме со конкретни активности за уредување и одржување на Дојран – велат од Општината.
Истовремено, општинските власти го санираа и дефектот со истекување на вода во градскиот парк во Стар Дојран. Според општинарите, во следниот период ќе се чистат и уредуваат и останатите населени места на подрачјето на општината.
Општината ја доби новата механизација за одржување на јавните површини со поддршка од Министерството за локална самоуправа, во вкупна вредност од 4.000.000 денари, а во неа спаѓаат трактор, хидрауличен мулчер, мулчер со кардан, косилка, приколка и мини багер.






